Проблемот со добивањето на нови македонски пасоши ги надминува и границите на државата. Македонските граѓани кои живеат и работат во Германија се соочуваат со неможност навреме да извадат нов пасош во македонските дипломатски претставништва. Претседателот на централниот совет на Македонците во Германија, Роберт Кленкоски за Глас на Америка вели дека за нов пасош се чека и по 9 месеци.
„Тоа се 9 месеци затвор и губење на работа. 45.000 Македонци до минатата седмица имаат закажано термини за нови пасоши во амбасадите и конзуларните претставништва, но наша проценка е дека вкупно се 100.000 кој севкупно морат да ги сменат пасошите. А да не зборуваме за слободата да се оди на одмор од Германија во некоја друга држава освен Македонија, то е актуелно невозможно“, рече Роберт Кленкоски, претседател на централен совет на Македонците во Германија.
Но има и друг проблем вели Кленкоски.
„Нудат патни листови кои се во еден правец и се важечки за пат до Македонија, но човек што има работа на пример од Германија за Англија, практично не може да си ја извршува работата бидејќи нема нови пасоши и во Македонија. Слободата на резидентните во Германија им ја укинаа од денес за утре, немаат капацитет и нови пасоши“, додава Кленкоски.
Од централниот Совет на Македонците во Германија велат дека повеќе од 100.000 граѓани се погодени со оваа мерка, и оти некои дури добиле термини за обновување на пасошот дури за октомври 2024 година. Тие минатата недела упатија писмо до претседателка на ЕК, Фон дер Лајен, канцеларот на Германија, Олаф Шолц, и премиерот Талат Џафери. Повикуваат на итни мерки за ставање крај на овие прекршувања на човековите права. На властите во државата им дадоа рок до 23 февруари 2024 година да го повлечат своето решение за поништување на важечките пасоши и да се погрижат за брзо и ефикасно издавање на важечки пасоши.
„Доколку овој рок помине неискористен, централниот Совет на Македонците во Германија го задржува правото да преземе правни активности за спроведување на правата на засегнатите граѓани на суд“, велат од Централен совет на Македонци во Германија.
Од таму денес оствариле контакт со германската амбасада во Скопје поради кризата со издавање на пасоши.
„Итноста на ова прашање е неспорна, особено во однос на луѓето со главен престој и соодветна дозвола за живеалиште на Сојузна Република Германија.Се бара издавање привремени пасоши или алтернативни решенија за засегнатите граѓани од амбасадата на Германија кои итно треба да се вратат во Германија, а се спречени да го сторат тоа поради доцнење со издавањето пасоши во Македонија. Исто така, беше замолена амбасадорката да се заложи и за продолженото признавање на важечките македонски пасоши со натписот „Република Македонија“, како и да посредува и кај македонската влада и кај граничните власти на Сојузната Република Германија“, додаваат од таму.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи деновиве беше во посета на некои од дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, со цел увид на состојбите на терен и изнаоѓање на решенија за зголемување на ефикасноста во давањето на конзуларните услуги.
„Целосно ги разбирам поплаките на граѓаните по однос на долгите чекања, недобивање на време термин, неодговарање на телефонските повици и е-маилови и за таа цел вложуваме максимални напори да се надминат овие ситуации. Делумно ги разбирам и објаснувањата на нашите дипломати и конзуларни работници дека се преоптоварени со напливот на барања за конзуларни услуги што се случува периодов, сепак сметам дека постојат можности да се организираат”, вели Бујар Османи министер за надворешни работи.
Османи вели дека во повеќето од претставништвата им се излегувало во пресрет на околу 300 македонски државјани дневно.
„Тоа е голем товар за нашите претставништва. Меѓутоа се обидуваме сега да се реорганизираме секаде каде што е потребно и најдобро што можеме, со тоа што упатуваме нови конзуларни работници и дипломати, воведовме двосменско работење и работа во сабота и недела, донесовме дополнителни базни станици, односно мобилни станици за фотографирање”, додава Османи.
Османи беше во посета на дипломатските претставништвата, како што се Брисел, Минхен, Бон, Берн Венеција и Виена. Во текот на наредната недела се планира посета и на други претставништва, каде што е зголемен обемот на барања за конзуларни услуги.
Решението на проблемот со пасошите, техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека е во рацете на пратениците во Собранието. Тие вели тој треба да ги изгласаат измените на Законот за патни исправи и со тоа да се стави крај на актуелната ситуација.
„MВР презема максимум во рамки на можностите коишто ги има во овој дел, но би сакал да го повторам решението на маките на граѓаните, а тоа решение е 61 пратеник да си ја заработат платата и да стиснат на тоа пусто копче, и како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така да го сменат и Законот за патните исправи, и да го решат веќе еднаш проблемот на граѓаните“, вели Панче Тошковски-министер за внатрешни работи.
Пристигнати се нови 20000 обрасци за пасоши со новото име на државата. И македонските граѓани во другите држави, како и оние кои работат на некои од крузерите ширум светот се соочуваат со слични проблеми.