Линкови за пристапност

Северна Македонија со најслободни медиум во регионот


Македонското новинарство бележи скок од 52 места во споредба од пред две години и 19 места во однос на ланската година. Според извештајот на Репортери без граници, земјава е највисоко рангирана во опкружувањето и се најде на 38-то место од 180 земји. Зад неа се Хрватска на 42-то место, Словенија на 50-тото место и Грција на 107-то место.

„Иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на општествената доверба во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Дополнително, владините функционери знаат да имаат лош и омаловажувачки однос кон новинарите. Новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор на заштита на државни тајни и лични податоци, тие може да бидат изложени на правни притисоци и агресивен прогон. Сепак, судовите знаат да застанат во одбрана на слободите и да ги заштитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој треба да ги процесира случаите на напади врз новинари, а се размислува и за отворање на слични оддели низ земјата“, се вели во извештајот на Репортери без граници.

Веста дека земјава направила скок од 19 места во областа на слободата на медиумите, како и тоа дека е најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, треба да радував, вели Горан Момироски, основач и главен уредник на порталот „Охрид Њуз“ и координатор на ЗНМ во Охридско – струшкиот регион.

„Сепак состојбите во медиумска сфера во државата се далеку од розови. Особено во внатрешноста. Згаснуваат медиуми, а тие што работат се соочуваат со сериозни предизвици, мали плати, лоши услови за работа. Бројот на новинари и медиумски работници е во постојано опаѓање. Млади новинари нема. Професијата е неатрактивна поради нискиот стандард и лошиот имиџ кој делумно се должи и на одредени состојби во онлајн просторот. Медиумските работници се често мета на вербални напади, омаловажувања и закани. Социјалните мрежи се злоупотребени во таа насока“, вели Момироски.

Состојбата со дописништвата е лоша и непроменета, додава Момироски.

„Дел од националните медиумски куќи немаат дописништва, тие кои имаат недоволно ги ценат професионалците од внатрешноста, кои се и малку платени. Постои огромна разлика во вреднувањето на медиумските работници во главниот град и внатрешноста“, вели Момироски.

Весна Колоска, уредник во национално радио К77 и член на извршниот одбор на ССНМ, вели дека слободата на медиумите е директно врзана со платите на новинарите, нивниот стандард, условите за работи и почитување на законите, вклучувајќи ги и тие што го определуваат работното време и заработката додека новинарот е на работа.

„Без добро платени новинарски работни места нема добри и силни медиуми. Бидејќи новинари и медиумски работници на работ на утврдениот минималец и максимална граница со државниот просек, не можат да направат промена како што ја очекуваат граѓаните“, вели Колоска.

Вели дека Владата и институциите, а со тоа и работодавачите се должни да обезбедат услови за добро платени работни места во медиумите, бидејќи без тоа нема ни добри медиуми.

„Предолго, со години се чека на медиумските реформи, што немам сомнеж дека е смислен притисок, со кој премолчено сите се согласуваат. Медиумите во овој дел од светот предолго се набљудувачи на брзиот развој на медиумската сфера во развиените држави, додека ги читаат приказните, кои ги понесоа најзначајните светски новинарски награди. Сакаме нашите читатели да читаат за нашите достигнувања, но за тоа ни треба достоинствен платен труд, за другото знаеме како“, додава Колоска.

Земјава е најдобра во индикаторот „законодавство“, каде се наоѓа на 10-место во светот. Според политичкиот е 36-та, социјалниот 50-та, економскиот 53-та. Најлошо котира според индикаторот за безбедност, на 64-то место.

„Во однос на извештајот, делот на социјално-економската состојба би дала полоши оценки, бидејќи новинарството стана слабо платена професија, која младите не сакаат да ја извршуваат“, вели Колоска.

Младен Чадикоски, претседател на Здружението на новинари на Македонија рече дека измените на Кривичниот закон со кој медиумските работници добија статус на службени лица, како и измените на Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, со што казните за новинари се намалија за четири до пет пати, се едни од клучните зошто Македонија, годинава бележи напредок. Сепак извештајот не треба да залажува вели Чадикоски.

„Мора да работиме многу посуштински и подлабоко бидејќи не е само носењето закони, потребна е и нивна имплементација и создавање вистински амбиент за слободно и независно новинарство на сите новинари. Сакаме да испратиме порака да се подигне свеста за неопходноста од подобрување на безбедноста и на социоекономското опкружување на новинарите и медиумските работници, како начин да се унапреди слободата на изразување, како осново човеково право и зајакнување на улогата на нашите медиумски организации во процесот на креирање политики а зошто е тоа многу важно ќе видите и малку подоцна“, вели Чадиковски.

„Повеќе од две третини од новинарите и медиумските работници во Македонија земаат просечна или потпросечна плата. Не се почитуваат ниту основните работнички права, правото на годишен одмор, прекувремена работа. Огромен број од колегите се соочуваат со закана од губење на работните позиции, бидејки не им се сигурни, работат со Договори на дело или Договори на определено време без социјално или пензиско осигурување“, вели Павле Беловски, претседател на ССНМ.

Министерот за правда Кренар Лога, честитајки го 3-ти мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, порача дека новинарите мора да работат професионално и одговорно и да бидат ослободени од секакви притисоци.

„Слободно новинарство е еднакво на квалитетно новинарство. Слободни и независни медиуми се неопходни за промоција и заштита на демократијата во сите сегменти од општеството. На граѓаните им се потребни точни, навремени и проверени информации. Само квалитетно, одговорно и етичко новинарство може да доведе до развој на демократијата, инклузивно и отпорно општество. Апелирам, сите заедно да се спротиставиме на дезинформациите кои имаат за цел да создадат лажна слика во општеството и паника кај граѓаните”, порача Лога.

Лога вели дека со цел подобрување на состојбата, Министерството за правда преку законските измени за граѓанска одговорност за навреда и клевета, овозможило да се гарантира слободата на изразување.

„Со овој закон драстичното се намалува висината на казните на медиумските работници за штетата предизвикана со навреда или клевета. Владата и во наредниот период ќе се фокусира на подобрување на состојбите во оваа сфера со цел да се овозможи независно, професионално и достоинствено извршување на новинарската професија“, додава Лога.

Инаку со измените на Кривичниот законик нападот врз новинар се казнува како напад врз службено лице.

Во 2016 година Македонија беше на 118 место, од 180 држави. Ова е доказ на дело за демократските и европски определби на Владата и нашето категорично „Да“ - за слободата на говор и независноста на медиумите, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Во медиумските здруженија гледаме партнери и продолжуваме да работиме заедно кон натамошно унапредување на медиумските слободи, како што тоа го направивме со донесениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета со којшто се гарантира слободата на изразување и со измените на Кривичниот законик, со коишто нападот врз медиумските работници се третира како напад врз службено лице“, рече Ковачевски.

Инаку ССНМ и ЗНМ по повод 3-ти мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, се одржа крводарителската акција, на која новинари и медиумски работници донираа крв.

XS
SM
MD
LG