Расчистување долгови, истерување правда, одмазда, грабежи... За сето ова се повеќе луѓе посегнуваат по оружје. Во Македонија во последно време се убива со невидена леснотија.
Во пресметките најчесто се користи нелегално оружје. Од 36 убиства минатата година, 13 се извршени со оружје купено на црно. Министерството за внатрешни работи нема податоци колку нелегално оружје има во земјата. Само за една година запленети се 300 парчиња – пиштоли, автоматски и ловечки пушки, револвери. Но, судејќи по леснотијата со која се посега по него, но и по неофицијалната цена од 150 до 400 евра за парче на црно, очигледно дека до него лесно се доаѓа.
Сите се согласни дека каналите за шверц не можат да се затворат, за нив не постојат физички граници, а тоа го потврдуваат и последните неколку полициски акции во земјата - Блаце, Радуша, Ново село, во кои беа собрани 950 парчиња најразлично оружје.
Во Македонија има закон за поседување оружје, тој минатата недела беше надополнет со нови услови што од една страна треба да го засилат филтерот низ кој треба да мине идниот сопственик, а од друга, да ги поедностават административните процедури.
„Законот за оружје е наменет за оние граѓани кои имаат намера одговорно да го користат оружјето за лов, спортско стрелаштво, колекционерство. Тој е за оние граѓани кои имат намера да го почитуваат законот и да го користат оружјето согласно законот“, вели Владимир Пандовски од Националната асоцијација за оружје.
Освен потврдата за неодусуваност, за да поседувате оружје во Македонија мора да минете и обука во едно од трите лиценцирани стрелишта во земјата. Во изминативе пет години, издадени се малку дозволи. Мал е и бројот на оние кои нив ги обновиле.
„Само пет проценти од граѓаните кои имаат валидни дозволи за поседување на оружје, според податоците со кои располагаме, ја имаат испочитувано таа обврска. Односно, само пет отсто од граѓаните веќе го имаат пререгистрирано оружјето“, вели Иво Котевски, портпарол на МВР.
Со новиот закон им се дава подолг временски простор за тоа, но им се дава шанса и на оние кои имаат нелегално оржје, да го предадат - без санкции. Па сепак, наивно е да се верува дека некој кој купил оружје на црно, би го предал. Оваа акција на МВР на многумина им наликува на Жетвата на НАТО по конфликтот во 2001-та. Можно е и резултатот да биде ист - мал број старо, нефункционално оружје, што единствено може да заврши како музејски експонат.