Долго се знае дека луѓе со ниско ниво на витаминот
Д се поподложни на инфекции. Исто така се знае дека луѓе до намален имунитет, како оние со ХИВ, вирусот што предизвикува СИДА, се поподложни на туберкулоза.
Во студија објавена во журналот Science Translational Medicine, истражувачите ја испитувале таа врска. Тие ги проучувале Т-клетките, вид на бели крвни клетки што се борат со инфекции, и заклучиле дека се особено ефикасни против бактерии кои предизвикуваат туберкулоза.
„Преку тоа откривме дека еден специфичен тип на Т-клетки, тие што излачуваат протеин наречен интерферон-гама, биле способни да ги активираат белите крвни клетки кои биле инфицирани со бактерија на туберкулоза за потоа да ја уништат бактеријата“, вели Роберт Модлин, раководител на дерматологија на Школата за медицина на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес, кој е и ко-автор на студијата.
„Покажавме дека за овој механизам е потребен витамин Д. И важно е што луѓето кои имале ниско ниво на витамин Д во нивната крв не биле во состојба да го активираат механизмот за убивање на бактеријата“, вели Модлин.
Во лабораториски експерименти, научниците замениле примероци на крв сиромашни со витамин Д со примероци збогатени со витаминот Д. Топа ги активирало Т-клетките за уништување на бактеријата на туберкулоза. Модлин вели дека наоѓањето може да води кон нова терапија за превенција на туберкулоза или за нејзино лекување.
Студијата исто така вели дека иако кожата го апсорбира витаминот Д природно од сонцето, за Африканските Американци треба повеќе сонце да го постигнат истото ниво на витамин Д како белите поединци. Но премногу сонце може да доведе до рак на кожата. Затоа Модлин препорачува орално земање на витаминот наместо изложување на сонце, во исто време предупредувајќи дека високи дози може да бидат токсични.
Следниот чекор според Модлин е иницирање на клиничко испитување да се види дали дополнително земање на витамин Д може да ја зголеми отпорноста на туберкулоза или други инфекции.