Десетици илјади вработени во јавниот сектор и нивни поддржувачи протестираа заради напорите на гувернерот Скот Вокер да ги укине правата на работниците да преговараат за висината на платите и бенефициите кои ги имаат, преку синдикатот. Политичката дебата меѓу Вокер и други републиканци од една страна и синдикатите и демократите од друга, траеше со месеци.
Висконсин не е осамен проблем за Денот на трудот, во време кога работниците се борат за работни места, висината на сатницата, бенефициите и политичката моќ.
Се работи за дебата за вистински баланс меѓу потребите на бизнисите за профит и потребата на работниците да имаат добар живот. Без профит, бизнисите не може да преживеат. Без адекватна плата, работниците нема да бидат добри потрошувачи, а тоа се одразува подалеку зашто довербата на конзументите придвижува најголем дел од американската економска активност.
Синдикатите некогаш претставуваа повеќе од една третина од американските работници, но со опаѓање на членството со децении, сега изгледа како да зборуваат за само 12 проценти. Додека севкупната цифра на членството во синдикатите е во опаѓање, нивниот број е солиден во меѓу работници во федералната и локална власт. Вработените во јавниот сектор се повеќе од половина од околу 14 милионското членство во синдикатите во САД.
Платите, бенефициите и сигурноста на работните места се главна цел на напорите за заживување на забавената економија зашто тоа негативно се одразува врз даночните приходи и создава сериозни финансиски проблеми за владите.
Гери Бартлес е трудов економист во Институцијата Брукингс. Тој вели дека синдикатите во јавниот сектор беа погодени со скоро еден милион отпуштања и ситуацијата се усложнува. Близу 25 милиони Американци се или невработени или имаат проблем во наоѓањето работа.
Дури и тие кои имаат работа, Бартлес вели дека задржувањето на она што е постигнато е тешка, постојана борба.
„Голема разлика денеска споредено со пред пет години е драматичното ослабување на трудовите синдикати во САД“, признава тој.
Претседателот на најголемиот трудов синдикат во државата, AFL-CIO Ричард Трамка вели дека тоа оркестриран напад на републиканците за ослабување на трудовите групи.
„Не се согласуваме со оние кои велат дека најдобрите денови за Америка се зад нас, дека не можеме да им дадеме на нашите граѓани добри работни места, дека не можеме да обезбедиме здравствена заштита, сигурна пензија, и дека треба да ги намалиме аспирациите за американскиот сон. Одбиваме тоа да го прифатиме“, вели Трамка.
Но, сонот исчезнува за милиони Американци.
Одговорот на Винсент Рајнхарт од конзервативниот Американски Ентерпрајз Институт е дека глобализацијата го израмнила полето на кое сите играат и Американците треба да се прилагодат:
„Тоа се лошите вести што доаѓаат со отворањето на нашата економија. Некои плати одат надолу зашто поевтини добра и услуги се нудат некаде на друго место. Ако трудовите синдикати се држат за стариот модел, се разбира дека членството ќе се намалува зашто работните места одат во странство“, вели Рајнхарт.
Меѓу оптимистите дека работничката класа и економијата во најбогатата земја во светот ќе се опорави е Стив Соул, поддржувач на синдикатите. Тој вели:
„Ние сме издржливи и јас верувам во способноста на американскиот работник да го поведе светот во се` што се однесува на трудот, како што беше и во минатото.“
Цифрите засега се мрачни. Постигнување договор на Капитол хил изгледа исто толку тешко како – наоѓање работа.