Линкови за пристапност

Нови жртви на снежното невреме во Македонија


Нови жртви на снежното невреме во Македонија
Нови жртви на снежното невреме во Македонија

Скопјани, пак, живеат во темница по одлуката на Владата за штедење на електричната енергија.

Старицата Евдокија Кленкоска од струшкото село Јабланица и една болна жена од струшко Нерези, која соселаните не успеале да ја пренесат до амбулантата, според денешните извештаи на дел од македонските медиуми, се двете најнови жртви на временските неприлики во Македонија. Според неофицијалните, медиумски податоци, поради студот и снегот што ја блокираше Македонија, досега починале шест лица: покрај двете денешни жртви, и Радмила Стојчевска од скопското село Мршевци, Ристо Манчевски од селото Бешеишта, и две лица, најверојатно бездомници, од Скопје.

Околу точната бројка на жртвите дојде и до медиумски и политички престрелки на власта и опозицијата. Најпрвин, минатата недела, во една од телевизиите со национална концесија беше објавена веста за смртта на скопските бездомници за потоа, истата да биде преправена дека лицата сепак биле пронајдени живи и пренесени во болница со смрзнатини. Потоа, и градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски од опозициониот СДСМ изјави дека има починати бездомници, по што следеше демант од министерот за труд и социјална политика Спиро Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвини политичкиот противник за манипулација со јавноста.

Официјално, според податоците на Дирекцијата за заштита и спасување, поради невремето и снегот, во Македонија се отсечени 110 села со околу 8.600 жители, а најтешка е ситуацијата во струшкиот регион, каде во неколу села, (Јабланица, Нерези, Луково, Модрич и Пискупштина) храна и лекови за месното население треба да се дотураат со хеликоптери, а нивното полетување дневно зависи од временските прилики. Завеани патишта и отсечени села има и во кичевско, кривопаланечко и гостиварско, а надвор од урбаните средини, сообраќајот на повисоките места и планинските премини е отежнат поради недочистен снег и голомразица.

Покрај најтешките случаи со починатите лица, бројни се и повредите на граѓани ширум Македонија, кои поради скршеници и повреди на мразот и снегот, ги наполнија болниците. Две лица се повредени во Тетово од неисчистени мразулци. Мразулец што се откачил од десеткатница висока триесеттина метри, тешко повреди лице од тетовското село Милетиино, кое по хирушка интервенција е задржано во болница, а уште еден тетовчанец бил полесно повреден во близина тетовскиот плоштад.

Навремето предизвика зголемена потрошувачка на електрична енергија и криза во снабдувањето. Затоа, Владата прогласи енергетска криза и забрана за извоз на електрична енергија, а ЕЛЕМ донесе одлука за набавка на количините на електрична енергија што и` недостасуваат на државата - од странство, по просечна цена од 155,75 евра по мегават час за периодот од 16-ти до 29-ти февруари 2012-ра година, додека за следниот период до 15-ти март, одлуката за евентуална набавка дополнително ќе биде донесена.

Првобитната одлука за активирање на ТЕЦ Неготино е променета, по калклулациите дека просечната цена за набавка на енергија од странство, што ќе изнесува околу 5 милиони евра за предвидениот период, е пониска од производствената цена на Централата. Но, денес во медиумите излегоа и пресметки дека од 2000-та до 2011-та година, на увоз на струја во Македонија биле потрошени над 1,2 милијарда долари. Според медиумски наводи, таа сума ќе била доволна државата сама да ги изгради хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, за кои со години не може да се најде странски инвеститор, или, да ја осовремени и гасифицира ТЕЦ „Неготино“, која со години се чува како „ладна резерва“, и со тоа да да се намали увозната зависност на Македонија.

Додека во медиумите во Македонија се шпекулира дали Владата задоцнила со одлуката, со оглед на пишувањето на српските медими дека поради големата криза, минатиот викенд Србија увезувала македонска струја, граѓаните на Скопје реагираат во медиумите и на социјалните мрежи, поради начинот на кој локалните власти ја спроведуваат одлуката на Владата за штедење. Граѓаните тврдат дека веќе три дена се чувствуваат небезбедно на темните улици во неколку скопски општини, и дека посебна опасноост им претставува движењето во темница по се` уште нерасчистените и лизгави улици и тротоари. Покрај опасноста од повреди, граѓаните се револтирани од зголемениот ризик од кражби, пред се, на автомобили, Засега се залудни и барањата на граѓаните барем да не плаќаат такса за улично осветлување, кога веќе мораат да се движат во темница, но ниедна институција не им излегува в пресрет.

XS
SM
MD
LG