Претседателот Барак Обама го именуваше генералот Дејвид Петреус, досегашниот прв човек на Американската централна команда, за главен командант во Авганистан. Петреус доаѓа на местото на генералот Стенли Мекристал, кој беше сменет затоа што во интервју за популарниот магазин Ролинг стоун се потсмеваше на виши претставници на владата на Обама.
Сенатската Комисија за вооружени служби во забрзана процедура, уште во вторник наредната недела, ќе одржи распит за потврдување на Петреус на функцијата. И републиканци, и демократи рекоа дека го подржуваат Петресус, а претседателот Обама подвлече дека има целосна доверба во него.
Некои стручњаци му оддавадаат признание на Петреус за успешната стратегија за сузбивање на бунтовништвото во Ирак, каде командуваше со американските сили се` додека не беше именуван за прв човек на Американската централна команда во октомври 2008-ма. Во тој капацитет му беше шеф на Мекристал с`е додека овој не поднесе оставка неделава.
Зборувајќи за ситуацијата во Авганистан, Петреус рече дека е свесен за предизвикот што го очекува: „Како што беше случајот со Ирак, реалноста е дека во Авганистан се` е тешко. Состојбата е тешка цело време и вообичаено станува потешка, пред да дојдат подобри денови“.
Колеги велат дека Петреус има стил самиот, од прва рака да врши увид на состојбата на теренот и да презема ризик да се среќава со луѓето во конфликтните региони. Самиот има кажано дека е многу важно командантот да биде „до крај искрен“ за тоа кава е воената ситуација.
Некои аналитичари предвидуваат дека смената на командата ќе влијае на забавување на напредокот во Авганистан се` додека Петреус не ја преземе функцијата во Кабул. Но, претседателот Обама смета дека политиката во Авганистан нема да претрпи измени.
„Генералот Петреус ја разбира стратегијата затоа што помогна во нејзиното оформување. Моите очекувања се дека ќе биде извонреден во нејзиното имплементирање“, рече Обама.
Задачата на Петреус за сузбивање на бунтовништвото вклучува воена акција, но исто така се потпира и на развивање на доверба кај цивилното население. Експертите наведуваат дека е важно армијата и американскиот амбасадор во Авганистан да говорат во еден глас.
Професорот од Џон Хопкинс Том Кинли служел 30 години во американското воздухопловство. Тој смета дека Мекристал не успеа да развие однос со американскиот амбасадор Карл Ајкенбери. Петреус, пак, имаше добри односи со ирачките официјални лица, од што корист имаше самата мисија.
„Неговата врска со политичките авторитети не само што беше искрена, туку тој постојано се залагаше за модификации, за промени. Добрите односи се важни, но влијанието на лидерот е многу значајно“, вели Кинли.
Некои сметаат дека Петреус ќе развие кредибилитет за иден претседателски кандидат и креираа интернет-страница наречена „Петреус 2012“. Но, генералот негираше дека има политички амбации.
Петреус е познат по неговиот успех во Ирак, но сега се соочува со, како што признава самиот, предизивк што не е лесен.