Како што наближува мајскиот самит на НАТО во Чикаго, бројната македонска иселеничка заедница во Колумбус, сојузната држава Охајо, не ја крие разочараноста од тоа што евроатланската интеграција на Македонија тапка во место поради спорот околу името со Грција, но е против отстапки за името и идентитетот.
Вообичаено, Македонците од Колумбус, за разлика од сограѓаните од Детроит, не сакаат да говорат за политика. Па сепак, вклучувањето на Македонија во евроатлантските структури посекако им е на ум, особено со се`поинтензивното лобирање на дијаспората за приемот на Македонија во НАТО, уште на Самитот во Чикаго. Тоа на 30-ти март, во писмо до претседателот Обама, го побара и група од 54-ца конгресмени од обете партии.
Елена Полојац, која работи во фирма за електронски компоненти, не е голем оптимист за преговорите меѓу Македонија и Грција.
„Искрено, не се надевам да се најде трајно решение. Нашата држава се вика Македонија и така и ќе опстане. Тие не сакаат името да се спомене, или да остане како што е сега“, коментира Полојац за Гласот на Америка на македонски.
За Томи Христовски, управник во банка во Колумбус, поддршката за членство на Самитот на НАТО во Чикаго треба да дојде од секој иселеник.
„Секој Македонец треба да стори се` што може и да ги контактира владите во земјите каде живее, да стави потпис на петиции, да се чуе вистината за Македонија и да објасни колку е важно земјата да биде дел од НАТО“, вели Христовски.
Влезот во НАТО за Македонија ќе значи зголемено чувство на безбедност, особено во регионални рамки, размислува адвокатот Томи Танев, но предупредува компромисот да не биде на штета на Македонија:
„Притисокот врз македонската дијаспора, но и врз владата во Македонија да проголтаат наметнато решение за името би имал катастрофални последици врз македонскиот идентитет и самодоверба. Се надевам дека ќе се најде некое решение. Но, јас сум роден и секогаш се идентификувам како Македонец и не планирам да го променам моето име“, порачува Танев.
За битолчанката Сузана Николовска, компромисот е можен, но до одредена мера.
„Според мене, некој дел може да се додаде, за да влезе земјата во НАТO и ЕУ, но да нема целосна промена на името - да останеме Македонци и да бидеме такви какви што сме“, заклучува Николовска.