Иако во тек се жестоки престрелки меѓу владините сили и бунтовниците во Либија, друга битка се води во САД – да се придобие Конгресот и јавнста да ја поддржат политиката на претседателот Обама.
Републиканскиот законодавец Мајкл Тарнер од Охајо вели дека битката е далеку од добиена:
„Ако денес поднесеме резолуција во Конгресот за одобрување на одлуката на претседателот, не верувам дека ќе биде усвоена и јас сигурно не би гласал за неа“.
Секретарот за одбрана Роберт Гејтс пред законодавците рече дека целта е да се принуди либискиот лидер Моамар Гадафи да замине од власта со политички и економски притисок, а не со помош на сила:
„Нема да има копнени американски сили во Либија. Смената на режимот на Гадафи, иако ја поддржуваме, не е дел од воената мисија“, рече Гејтс.
Истражувачот на јавното мислење од универзитетот Квинипек, Питер Браун, рече дека засега американската јавност е скептична за инволвирањето во Либија и најверојатно тоа се должи на замореноста од војни.
„Нема дилеми дека инволвираноста во Авганистан, Ирак и сега во Либија за многу Американци го покрена прашањето за исправноста на таа политика“, кажа тој.
Претседателот Обама беше внимателен да не прави споредба со Ирак кога се обрати до нацијата изминатава недела:
„За промена на режимот во Ирак беа потребни осум години, илјадници американски и ирачки животи и близу трилион долари. Тоа не можеме да си го дозволиме да го повториме во Либија“ рече претседателот во телевизиското обраќање.
Но затоа, американските воздушни напади за заштита на цивилите, сега под командата на НАТО, имаат поддршка, вели аналитичарот од Брукингс, Стивен Хес.
„Американскиот народ воглавно е „за“ ваква акција, но не и за други опции“, вели Хес.
Но, тој додава дека има граници во јавноста за поддршката на американската воена инволвираност во Либија: „Веќе се наоѓаме во две војни. За евентуална трета војна Американците не се заинтересирани во време кога имаат многу проблеми и на домашен план“.
Политичките аналитичари велат дека најверојатно претседателот ќе мора да продолжи да гради јавна поддршка се` додека САД се инволвирани во Либија.