Се очекува Генералното собрание на ОН наредниот месец да расправа за иднината на Косово. Неодамна Меѓународниот суд за правда одлучи дека прогласувањето на независност од Србија било легално, согласно меѓународното право. Како ова може да се одрази на останатите сецесионистички движења во светот?
Независноста донесе радост на улиците во Приштина, но не и во Србија. Српските лидери тврдат дека таа оди директно против српскиот суверенитет и го поткопува меѓународното право. Но, Меѓународниот суд за правда преку својот претседател Хишади Овада се изјасни дека „објавувањето на незвисност на 17-ти февруари 2008-ма не го прекрши општото меѓународно право“.
Одлуката не е обврзувачка, но косовските лидиери ја сметаат за важен чекор кон пошироко меѓународно признавање и евентуално членство во ОН. 69 земји, меѓу кои САД, Јапонија и поголемиот дел од ЕУ, како и Македонија, веќе го признаа Косово. Томас Валасек од Центарот за европски реформи во Лондон коментира дека „во основа, одлуката на судот значи - дали сецесијата е легална или не, тоа во голем дел е политичко прашање. Се` се сведува на тоа дали доволно земји го признале одвоениот ентитет“.
Се` уште има пречки за Косово да заземе место во Генералното собрание на ОН. Против се и Кина, и Русија, постојани членки на Советот за безбедност. Русија самата е заплеткана во ситуација со отцепените грузиски покраини Абхазија и Јужна Осетија.
„Москва вели - Јужна Осетија и Абхазија се во иста категорија. Се` што треба да сториме е да издејствуваме други земји да им ја признаат независноста, во што, се разбира, немаше успех“, вели Валасек.
Голем број малцинства во светот бараат независност. Од 30 до 40 милиони Курди, на пример, кои живеат во делови на Турција, Ирак, Иран и Сирија. Но, одлуката на судот на ОН за Косово не се однесува на курдското барање, вели Катриона Вајн од Курдскиот проект за човекови права.
„Одлуката имаше ограничено правно влијание врз Курдите бидејќи се однесува на специфичен сплет на околности во Косово каде ОН имаа привремена управа“, коментира Вајн.
Клучни држави, како Романија, Словачка и Шпанија одбиваат да го признаат Косово, стравувајќи дека неговиот успех ќе предизвика сецесионистички движења дома кај нив.