Младата режисерка Сандра Ристовска на Македонскиот филмски фестивал во Торонто се претстави со документарниот филм Калеидоскоп – колаж од пет приказни – грнчар од Неготино, ткајачки од Кратово, три современи уметници од Скопје. Нејзината пораката до гледачите: Традицијата е неопходно да ја зачуваме. Доколку ја заборавиме - ќе исчезнеме...
Ристовска го нарекува 43- минутниот „Калеидоскоп“ - етнографски филм. Режисерката, која во моментов работи на докторат по комуникација на Универзитетот Пенсилванија во филмот ја истражува улогата на традицијата во формирањето на националниот и културен идентитет во Македонија.
Традицијата е секогаш неопходно да ја зачуваме. Ми се допадна реченицата на Филип Кондовски од филмот во која вели дека доколку„ние ја заборавиме нашата традиција, ќе исчезнеме, испариме...и нема да постоиме затоа што нема да можеме да кажеме кои сме и што сме“, вели Ристовска.
Сите земји, во услови на глобализацијата денес посветуваат внимание на традицијата, вели младата режисерка:
„Тоа што сакам да го кажам во Калеидоскоп е дека не се работи за измислена соцојално-конструирана традицијата која постоела некогаш и сега ние треба да се навратиме и вештачки да ја земеме од минатото и да ја вградиме во сегашноста. Занаетчиите се дел од македонската култура кои живеат и ден денес. Тоа е традиција која што живее, која има нишка со минатото и е дел од реалноста. Калеидоскоп се занимава со таа традицијата, која е дел од нас“, вели Ристовска.
Инспирацијата ја црпи од уметниците портретирани во филмот, за кои вели дека без финансиски средства и соодветни услови за работа продолжуваат да творат.
Ристовска на филмот работела еднаипол година на локации ширум Македонија, Скопје, Кратово, Вевчани, Галичник, Маврово... Музиката е на Горан Трајковски.