Линкови за пристапност

Странските влади бараат евакуирање од Јапонија


Странските влади бараат евакуирање од Јапонија
Странските влади бараат евакуирање од Јапонија

Евакуирањето се објаснува не со нивото на радијација, туку со недостигот на основни намирници

Некои странски влади почнаа да ги советуваат своите граѓани да заминат од Јапонија откако е се` понеизвесна судбината на нуклеарните реактори во земјата. САД и Британија им се приклучија на неколку други нации во препораката до своите граѓани да размислат за заминување од главниот град Токио или од другите делови на земјата.

Се` до денес, САД ги советуваат своите граѓани да ги следат препораките на јапонската влада - 20 километри евакуирање од нуклеарката како и да ги затворат прозорците и да останат во затворено во радиус од 20 до 30 километри.

Во средата попладне, американскиот амбасадор Џон Рос рече дека американската регулаторна комисија за нуклеарна енергија се согласува со препораките од Токио:

„Нашите експерти се согласуваат со договорот и особено со соопштението кое препорачува следење на советите од јапонската влада“, изјави Рос.

Дванаесет часа подоцна, работите се сменија.

САД ги предупредија своите граѓани да се евакуираат или да останат во затворено во 80-километарска зона. Ист совет обелоденија владите и на други држави, вклучувајќи ги Британија, Канада, Австралија и Јужна Кореја.

Запрашан за промената во сугестиите до американските граѓани, Шефот на кабинетот Јукио Едано на прес-конференција рече дека е разбирливо што САД се поконзервативни во одлуките кога се работи за здравјето на нивните граѓани.

На странските државјани им беше речено да ја разгледаат можноста да заминат од јапонскиот главен град. Не заради стравувања за нивото на радијација, соопши британската амбасада, туку „поради загриженоста дека може да има потенцијално недостиг на добра, транспорт, врски и струја“.

Независно која е причината, пораката е дека странските влади почнуваат да се сомневаат во способноста на јапонската влада да се справи со ситуацијата.

Некои влади, вклучувајќи ги САД, Британија и Франција, организираа чартер-летови за евакуирање на своите граѓани.

За странските граѓани во Токио, резултатот е конфузија. Јангаел Сезнек е француски државјанин. Тој вака гледа на работите: „Французите се премногу исплашени, а Јапонците се премногу смирени“.

Сепак, тој исто така заминува од Јапонија.

“Мислам дека систуацијата во Фукушима уште ќе се развива. Тие немаат контрола врз се` и не е многу безбедно“, додава тој.

Музиро Фукушима е лидер на Социјалдемократската партија. Тој собира пари за жртвите од катастрофата во централен Токио.

Вели, владата требала да обезбеди појасни инструкции уште од самиот почеток, и да им нареди евакуирање на жените и децата од областа.

Како што се намалуваат температурите, расте побарувачката за струја и владата на државата предупреди за можноста да има масовни рестрикции.

Железничките линии се погодени, компаниите затвараат порано со работа и од жителите е побарано да го исклучат греењето и да штедат.

XS
SM
MD
LG