Линкови за пристапност

Климатските промени и еволуцијата на човекот


Повеќето научници се согласни дека планетата Земја минува низ значителни климатски промени, делумно поради емисијата на издувни гасови на фосилни горива како нафта, гас и јаглен. Сепак, човекот, и поразвиените видови на мајмуни, успешно се адаптираат на новонастанатата состојба.

Не се случува често геолозите и климатолозите, кои специјализираат за физички земјени науки, да се сретнат со биолози, палеонтолози и антрополози, кои се загрижени со животот на планетата. Но, токму тоа се случи на специјален симпозиум на тема - Дали климатските промени влијаат врз еволуцијата на човекот?

„Ваква средба се обидуваме да организираме веќе 10-тина години“, вели Питер деМенокал од Одделот за науката за животната средина при Универзитетот Колумбија.

“Пораката од истражувањето на Земјата е дека климата играла голема улога во секоја промена во историските текови. Се поставува прашањето како климата учествувала во формирањето на човековата еволуција, за што немаме одговор, но добивме некои интригирачки показатели што упатуваат на силна врска“, вели деМенокал.

На пример, пред околу два милиони години, климата во источна Африка почнала да станува сува, што помогнало да се трансформираат големите пошумени области во големи тревни површини што ги викаме савани. Големите цицачи, вклучувајќи ги и претците на човекот, кои живееле во тие области, доживеале големи физички промени во следниот милениум. Претците на антилопите и зебрите развиле подолги заби и подебел енамел. Тоа, деМенокал вели им овозможило на цицачите да јадат абразивни треви што станале важен дел од нивната исхрана.

Антропологот Рик Потс, кој раководи со програмата за настанокот на човекот при институцијата Смитсониан, вели дека оваа флексибилност не е ништо ново ниту за хомо-сапиенсот. Истите карактеристики ги развиле и хомо-еректусот и неандерталецот:

„Додека да стигнеме до нашиот вид, сликата за адаптибилност е претставена со различните култури. Во рамки на еден вид, имаме многу различни начини на кои луѓето се поврзуваат во организирани општества. Ние сме првите кои можеле да размислуваат. Но „Што ако?“ е прашањето што бара истражување за светот што е условен и несигурен“, вели тој.

Потс додава дека луѓето ги зголемувале технолошките вештини со цел да се прилагодат на природата за нашите цели, со што предизвикале климатски промени, кои инаку не би се случиле.

„На пример, кога почнавме да произведуваме предмети, почнавме да внесуваме честички атмосферата и направивме смог. А тоа има ефект врз животната средина“, вели Потс.

Тие ефекти, како што е глобалното затоплување, покачувањето на морското ниво и екстремните временски услови, претставуваат нови предизвици за преживување на човечкиот род. Потс наведува дека традиционално, човекот имал два пристапи за оваа реалност. „Или се повлекуваме од нашиот растеж и амбиција, што е тешко, или продолжуваме и покрај долгорочното влијание“.

„Се најдовме заглавени меѓу две визии, и мислам дека балансот меѓу двете визии ќе ја одреди историјата за нас на планетата Земја“.

Сепак, Рик Потс, и многу негови колеги на симпозиумот за климатски промени и еволуција на човекот изразија надеж дека нашата уникатна свест за можностите за нашето исчезнување ќе не` инспирира да замислиме и потоа да креираме нови начини на преживување и добросостојба на Земјата која постојано се менува.

XS
SM
MD
LG