Да продолжи политиката на отворени врати за НАТО за аспирантите, а тие да се поттикнат во реформите на патот кон Алијансата – вака, синоќа, конгресмени и балкански дипломати аргументираа зошто Македонија, но и Црна Гора и Босна и Херцеговина треба да бидат уважени за прифаќање на критериумите и принципите на одбранбениот сојуз. На конгресниот брифинг беа и македонските пратеници кои деновиве се во посета на Вашингтон.
Македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски заклучи дека Македонија веќе подолго време се однесува како членка на НАТО.
„Македонија стори многу во исполнувањето на критериумите за членство. Нашите војници се дел од мировната мисија во Авганистан, рамо до рамо со американските и другите. Де јуре не сме дел во НАТО, но де факто, така се однесуваме“, рече Јолевски.
Придонесот што Македонија веќе го дава во НАТО го истакнаа и конгресменката Кендис Милер од Мичиген и претседавачот на американската делегација на Парламентарното собрание на НАТО, конгресменот Мајкл Тарнер од Охајо - обајцата членови на конгресната група за Македонија.
„Кога ќе ја земете предвид ангажираноста на Македонија во Авганистан, како четврти најголем придиносувач според бројот на жители, тогаш станува важно дека кога го браните шаторот на НАТО, заслужувате и да спиете во него“, рече Милер.
Тарнер побара НАТО да го уважи напредокот на балканските аспиранти, давајќи им јасен сигнал дека проширувањето нема да запре.
„Битно е да ги уважиме земјите кои имаат аспирации за членството во НАТО, за нивните постигнувања. НАТО вели дека членството е политички процес, но тој процес се води и во земјите-аспиранти и затоа мора да ги охрабриме“, истакна конгресменот од Охајо.
Секој успех на соседот е добар за целиот регион, заклучија амбасадорите од земјите од Југоисточна Европа, присутни на брифингот. Тие истакнаа дека регионалната стабилност ќе биде зајакната ако сите земји влезат под безбедносниот чадор на Алијансата.