Линкови за пристапност

Љубовницата на македонскиот амбасадор во Канбера пуштена од притвор


Љубовницата на македонскиот амбасадор во Канбера пуштена од притвор
Љубовницата на македонскиот амбасадор во Канбера пуштена од притвор

Во меѓувреме, Судот во Канбера ја ослободи од притвор Думбалоска со кауција од 10.000 австралиски долари, под услов да не контактира со амбасадорот и со неговото семејство

„Со самото тоа што тој побарал целосно расветлување на случајот, покажува дека нема нешто што би сакал да скрие од МНР и од јавноста. Како потврда за тоа е и целосната соработка со истражните органи и откажувањето од неговиот дипломатски имунитет за време на истрагата“, изјави портпаролот на МНР Борче Стамов за последниот дипломатски скандал околу апсењето за време на новогодишната ноќ на Лидија Думбалоска (37), доскорешна љубовница на македонскиот амбасадор во Австралија, Петар Стојановски, поради упад во неговиот дом и кражба.

Думбалоска се терети дека на 27-ми декември упаднала во домот на Стојановски од каде украла лап-топ, актен-ташна и хотелски сметки, поради што австралиската полиција ја упаси и обвини за провала, кражба, но и уцена, затоа што според „Канбера тајмс“, наводно му барала на Стојановски 150.000 австралиски долари и 40.000 евра за да му го врати лаптопот, а во споротивно, со објавувањето на содржините од него, би му ја уништила политичката кариера.

Во меѓувреме, Судот во Канбера ја ослободи од притвор Думбалоска со кауција од 10.000 австралиски долари, под услов да не контактира со амбасадорот и со неговото семејство, со одземање на пасошот и со забрана да ја напушти Австралија. Думбалоска, која со години наназад живее во Австралија, го познавала амбасадорот уште од студентските денови во Скопје, зашто биле колеги на Електротехничкиот факултет.

Љу­бов­на­та афера на амбасадорот Стојановски (кој, според дел од македонските медиуми, се` уште не е раведен од сопругата во Скопје, а според други медиуми, бракот е сепак разведен, додека неговата љубовница во меѓувреме, се развела од сопругот во Сиднеј), експлодира во дел од македонските медиуми минатото лето, главно преку реакции на македонските иселеници во Австралија кои го обвинуваа Стојановски за чести отсуства од Канбера и гостувањата кај љубовницата во Сиднеј, но и за неподготвеност за функцијата и недоволно познавање на англискиот јазик, со што наводно оставал лош впечаток и кај иселениците, и кај австралиските домаќини.

Според македонските медиуми кои со денови го покриваат случајот, главно пренесувајќи ги содржините на австралиските медиуми, амбасадорот Стојановски не сакал да го коментира случајот, повикувајќи се на истрагата и на судското соочување закажано на 24-ти јануари (судењето ќе почне за околу 6 месеци). Сепак, скопски „Вест“ објави изјава на амбасадорот: „Про­це­сот почна, и во случајот јас сум и жртва и сведок. Треба да се знае дека тоа не е спор меѓу мене и Лидија Думбалоска туку меѓу Федералната по­ли­ци­ја и Думбалоска. Според правилата овде, изјави не можам да давам јас, туку по­ли­ци­ја­та".

Но, според бранителот на Думбалоска, аферата нема политичко-дипломатски конотации, туку се работи за лични несогласувања и за сомнеж на неговата клиентка дека поранешниот љубовник имал нова љубовна афера.

Македонското МНР испрати соопштение во кое потенцираше дека нема да коментира „лични или семејни проблеми од овој вид“. „На секого може да му се случи нешто слично“, наведуваат во МНР и тврдат дека на амбасадорот му биле украдени само лични работи од домот, а целата службена документација се чувала во амбасадата. Директно спротиставен став, според македонските медиуми, има обвинението на австралиските органи, во кое се вели дека во украдениот лап­топ­ на Стојановски "имало документи од чувс­тви­тел­на природа за амбасадорот и за македонската амбасада".

Стојановски во политиката влезе како релативно непознат кадар на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, која од државен секретар во Министерството за образование го постави и за министер, иако уште за времето на обавувањето на првата функција за неговото име се врзуваа бројни афери. Непосредно пред најавената реконструкција, откако самиот поднесе оставка на местото министер, според коментарите на одделни македонски медиуми, Стојановски без било како дилпоматско искуство или обука, бил молчешкум тргнат од политичката сцена и награден со испраќањето во Австралија во октомври 2009-та, главно за да се стивнат реакциите околу бројните афери во Министерството за кои тој никогаш не поднесе отчет: од скандалот со исплаќањето незаконски хонорари на редовно вработените во Министерството откриени со државната ревизија, преку мега-скандалот со пропаднатата акција „Компјутер за секое дете“ за која беа потрошени милиони евра од буџетските средства без реална пресметка се` до денес, па се` до предложените решенија за екстерно оценување или за веронаука - кои потоа паднаа на Уставниот суд, а во примерот на веронауката беа проследени и со невидени политички притисоци врз директорите на основните училишта за присилно воведување на овој предмет во јавното образование и со негирање на Уставните решенија како единствена одбрана за таквото незаконско поведение на еден министер.

Опозицијата и дел од експертите по повод последниот скандал на македонската дипломатија, кој има особена тежина заради бројната македонска дијаспора во Австралија, излегоа со став дека е неопходно „без да се чека исходот од судската постапка, самиот Стојановски да се повлече или МНР да го отповика од амбасадорската позиција бидејќи станува збор за сериозно нарушен углед на амбасадорот“.

XS
SM
MD
LG