Има мал напредок во судската завршница на случаите за воени злосторства од меѓуетничкиот конфликт во 2001-ва. Преземени се мерки против малтретирањето од страна на полицијата и за подобрување на затворските услови. Ромите и натаму се дискриминирани во општеството. Ова се главните заклучоци на најновиот годишен извештај на Амнести интернешенал, во делот посветен на Македонија.
Организацијата наведува дека Грција продолжува да го оспорува името на земјата. „Иако се согласи да не го блокира членството на Македонија во меѓународните организации, тоа го стори при апликацијата на земјата за членство во НАТО во 2008-ма“, стои во извештајот.
Во делот за слободата на изразување во Македонија, Амнести наведува дека полицијата не успеала да заштити 150-тина студенти кои демонстрираа против владиниот предлог за изградба на Црква на плоштадот во Скопје од нападите од друга група, организирани од Македонската православна црква.
Ромите во Македонија според Амнести и натаму се дискриминирани и властите не направиле напредок на тој план. Затоа, агенцијата за бегалци на ОН – УНХЦР, со помош на ромски невладини организации, значително помогнале да се намали бројката на недокументирани Роми.
Владата, сепак, го подобрила пристапот до образовните процеси во земјата со доделување на бесплатни учебници и обезбедување на превоз, како и школарини во населбата Шуто Оризари.
И полицијата, и невладините организации, јавиле за опаѓање на тортурата и малтретирањето. Ова уследило откако специјалните полициски сили „Алфи“ биле повлечени во главниот град, а дошло и до подобрувања во интерните истрагите на Министерството за внатрешни работи. Но, Амнести наведува дека судиите и обвинителството не успеале да отворат истрага за обвинувања за малтретирања, дури и кога приведените пред судот презентирале докази.
Македонија ја ратификуваше конвенцијата за акција против тргувањето со луѓе од Советот на Европа, потсетува Амнести. Останува целосно ад се примени Законот за еднаквост меѓу мажите и жените од 2006-та, се заклучува во извештајот.