Откако евроамбасадорот Ерван Фуере за македонските медиуми изјави дека затворањето на ТВ А1 би било удар врз слободата на медиумите и нарушување на кредибилитетот на македонската Влада, и портпаролот на комесарот за проширување на Унијата Штефан Филе, го изнесе ставот на институцијата за „Случајот А1“, барајќи почитување на на слободатата на медиумите.
Портпаролката на еврокомесарот Филе, Наташа Батлер изјави дека „има судски процедури во тек, и сметаме дека во една демократија треба да се овозможи слобода на медиумите. Тоа е фундаментален принцип, независните ТВ куќи треба да емитуваат непречено. Судската процедура треба да се спроведе на независен, објективен и пропорционален начин“, рече Батлер, според која Брисел продолжува со загриженост да ја следи ситуацијата и деновиве на случајот со А1 веројатно ќе му се посвети и комесарот Филе лично.
Ситуацијата со А1 ТВ и бојкотот на македонската опозиција на Собранието го проблематизираат исполнувањето на критериумите за препорака за старт на преговорите на Македонија со ЕУ од 2009, па Батлер најави и испраќање на директор од Европската комисија во Македонија.
Вчера и евроамбасадоот Фуере беше дециден дека „нема сомнеж оти неодамнешните изјави и акции на членови на Владата отворија загрижувачки прашања, селективноста на судските истраги, независноста на судството и важноста да се избегне секакво политичко мешање во овие истраги”. Според Фуере, „јавниот повик на едно Министерство до граѓаните да поднесуваат судски постапки против ТВ А1 не е нешто што отсликува една демократска влада и нејзината заложба за независност на медиумите. Се надевам и се молам дека крајната цел не е да се создадат толку тешки услови за новинарите што А1 би морала да затвори. Тоа би било трагичен удар врз независноста на медиумите и искрено би го нарушил кредибилитетот на Владата во нејзината заложба за независност на медиумите и новинарите која беше важен повик на Европската комисија во последниот извештај“.
Американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер, по средбата со премиерот Никола Груевски во саботата изјави дека судството, парламентот и независните медиуми во Македонија се соочени со проблеми. Тој порача, дека криминалот треба да биде предмет на истрага, дека криминалците треба да се гонат и да се санкционираат, но предупреди дека медиумите не смеат да се затвораат, зашто нивното затворање не ја загрижува само меѓународната заедница, туку, пред се`, граѓаните на Македонија. А, во интервјуто за ТВ А1, по кое следеше контроверзната одлука за блокирање на сметките и на ТВ А1, амбасадорот Рикер изјави дека „какви и да било судски истраги, особено како таа во случајот со А1, треба да се реализираат со целосна транспарентност преку отворен и фер процес без политички притисок и без предрасуди“.
“Во судењето на сите вмешани лица е важно да се има на ум дека постапката да се затвори независна телевизија, која има критички став кон Владата, ќе повлече многу нови прашања. Ние од меѓународната заедница ќе го следиме случајот. Да се надеваме дека ќе се одвива експедитивно за и правдата да се спроведе соодветно”, вели Рикер.
На новинарско барање за негов коментар околу изјавата на американскиот амбасадор, во која тој изрази загриженост за слободата на медиумите и за независноста на судството и укажа на олитижката криза во Македонија, шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски изјави дека ”во Република Македонија слободата на медиумите е запазен принцип кој зависи не само од расположението на главните политички чинители, туку и од интегритетот на медиумите”. Според Милошоски „обидите да се сокрие незаконско дејствие зад високо етаблираниот принцип на слобода на медиумите говори за еден морален дефицит на актерите кои би сакале да ја злоупотребат ситуацијата“. На прашањето дали тоа значи дека критичноста на Рикер не е аргументирана, Милошоски одговори: „Секоја критика е добредојдена, но кога станува збор за слободата на медиумите, независноста на судството, тоа се работи кои се мерливи, а ние нив ги имаме подобрено во последните години“.
Во сличен контекст беше и соопштението на Владата која демантираше дека одлуката за блокирање на сметката на ТВ А1 е политички притисок врз медиумот.
„Владата нема никаква надлежност, ниту пак има ингеренција за носење такви одлуки“, се вели во соопштението. Според Владата, протестот на новинарите е обид за манипулација и пример за злоупотреба на моќта на медиумот за да се наруши нејзиниот имиџ. “Цениме дека протестот пред објектот на Владата кој го организираа група вработени во компании што имаат седиште на улица Перо Наков бб, кои компании се дел од предмет кој е во судска постапка и на кои компании се однесува судската одлука, е несоодветен и беспредметен. Тоа е манипулација и злоупотреба на општествената позиција, со претходно проектирана цел за нанесување на штета на имиџот на владата, во функција на остварување на лични и политички интереси на поединци и партии. Ова е еклатантен пример за злоупотреба на моќта на медиумот кој се обидува да ја монополизира вистината и зборовите слобода и демократија, што е лош пример и потсетува на едно далечно време, кое за среќа е одминато, во кое вистината имаше само една страна”, стои во соопштението на Владата.
Сличен е и ставот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. „Заради патолошката опседнатост на Бранко Црвенковски за власт и моќ, се случуваат мрачни сценарија, поттикнување на насилства и поделби, за да може да го злоупотребува како што тоа го правеше пред 20 години наназад. Тоа е одговорот на прашањето зошто на Македонија и` се случуваат вакви сценарија”, изјави Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Како одговор на ваквиот став, СДСМ реагираше дека „во секоја демократска, нормална земја кога работите не одат и државата тоне, власта се повикува на одговорност. За жал, во Македонија, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат демократски капацитет да ја прифатат својата одговорност за разорните последици од нивното владеење. Наместо тоа, инсталираат диктаторски режим кој ги надминува идолите на Груевски, Чаушеску и Милошевиќ, со закани, заплашување, малтретирање и репресии врз сите оние што не мислат како нив”, тврди СДСМ.