Линкови за пристапност

Груевски: Центрите на моќ не` гледаат како непланирано дете


Груевски: Центрите на моќ не` гледаат како непланирано дете
Груевски: Центрите на моќ не` гледаат како непланирано дете

Македонскиот премиер во интервјуто за МИА говори за извештајот на ЕК и спорот со името

„Доколку не се реши проблемот со името, многу е извесно дека идната година од Европската комисија ќе добиеме негативен извештај за напредок, независно колку реформи ќе направиме“, изјави премиерот Никола Груевски во интервјуто за Македонската информативна агенција - МИА, по повод забелешките во последниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија

„Понекогаш имам чувство дека некои моќни центри во чии вредности многу веруваме, на нас, на нашата држава, гледаат како на дете, кое не го планирале, ама дошло, па сега и не чувствуваат целосна обврска како врз планирано и посакувано дете, и некако детето им пречи. Со тек на време, со смена на генерациите, тоа ќе исчезне. Ова беше уште понагласено во деведесетите. Таквите деца, обично се принудени сами да се борат, и животот ги тера побрзо да созреат. Знаете, од секоја мака, произлегува и некоја корист за тој кој правично постапува“, вели премиерот Никола Груевски.

И веднаш по примањето на Извештајот минатата недела, премиерот реагираше, тврдејќи дека и покрај постојаните забелешки на ЕУ за судството, јавната администрација и корупција, Македонија од осамостојувањето досега направила најмногу реформи.

“Би сакал да му порачам на еврокомесарот Штефан Филе дека нема да помогне, за да се изврши притисок за решавање на името, да се пренагласуваат определени забелешки за судството, јавната администрација, корупцијата и слободата на изразување, особено не во услови кога три години спроведуваме суштински реформи во овие сфери”, рече премиерот Груевски.

Тој тогаш потенцираше дека Македонија нема да дозволи да и` се изврши притисок за спорот со името, и му порача на еврокомесарот за проширување Филе: “Ако работиме макотрпно, а сме блокирани од виртуелен спор, сигурни сме дека сме вложиле не половина помалку, туку трипати повеќе во процесот на евроинтеграции. Не сме работеле со половина срце, туку со три срца”.

Продолжувајќи во тој контекст, во долгото интервју, чиј прв дел денес го објви МИА, Груевски тврди дека „нестандарно острите оценки на Филе за Владата“ се должат на новата тактика на одредени поединци или на дел од меѓународната заедница во однос на притисокот на Македонија за решение за името.

„Тие веруваат дека ако јас и Владата прифатиме некоја од грчките варијанти за решение за името, тогаш се решава проблемот со името, поточно дека нашата поддршка ќе значи успешен референдум. Тоа е голема грешка и како резултат на тоа грешно верување нивната тактика е да вршат притисок врз Владата и врз мене како премиер, во правец дека не доволно правиме за реформите и со пренагласување на слабостите, да бидеме во непријатна ситуација. Тоа би требало да е наше девалвирање пред јавноста, на кое очекувањето е ние, како политичари, денеска нашата Влада, но утре и секоја друга, да одговориме со прифаќање решение по секоја цена, за да не олабават од ваквиот вид критики. Оваа тактика ни беше најавувана индиректно, а некогаш и директно, и не е важно кој ја смислил, дали поединци во Брисел, или подалеку, сепак, резултатите ги гледаме, таа се спроведува. Иако лично мислам дека тоа е тактика која ќе даде обратен ефект, со оглед дека веќе се спроведува, немам избор, освен да се справувам со неа. По една година или две кога ќе се соочиме со фијаското од тактиката, двете земји ќе бидат многу подалеку од решение, отколку што се сега. Ова прашање не се решава со сила, особено не на ваков начин, кога целиот притисок се става на едната страна, а на другиот скоро и да нема притисок. Нашиот народ вели: „не можат по атот, па по самарот“, вели Груевски во интервјуто.

На новинарско прашање зошто, ако не се реши проблемот со името, без разлика на сработеното, Македонија и следната година би добила негативен извештај, Груевски одговара: Многу е полесно да се казнува послабиот и кон него да се покажуваат и испробуваат мускулите. На Грција и играат „пиперевка“, заради Грција низ Европа паѓаат влади, а нормално кога не можат на Грција, некои фактори нам ни покажуваат колку се моќни. Тоа е. Сепак, тука апсолутно не сакам да бидам сфатен погрешно, дека некој треба да ползува политички капитал врз грбот на ефектите од кризата, и да се злоупотребат некои состојби во која било функција, но барем да не се заборави на правичноста или на балансираноста во пристапот, затоа што на крај сите ние имаме достоинство и сите ние веруваме во идеалите на слобода, правда и еднаквост“.

Премиерот во интервјуто прифаќа дека ваквиот став на ЕУ и погодува на македонската опозиција, но смета: „Да, ама нив не ги спасува ова. Тие се надеваат дека со старата стратегија и екипа, со старото водство и со безидејноста и неискрениот пристап друг ќе им ја одработи победата. Тоа нема да се случи. Но, и опозицијата мора да разбере дека ова е проблем од национален интерес и дека преку саботажи од внатре, само и наштетуваат на државата, ние како Влада сме најмалку важни. Време е да се надраснат дневно-политичките препукувања“.

XS
SM
MD
LG