Линкови за пристапност

Продолжува сквернавењето на верските објекти во Струга


Продолжува сквернавењето на верските објекти во Струга
Продолжува сквернавењето на верските објекти во Струга

Според експертите, иконите во струшките цркви потекнуваат од периодот кој е од исклучително значење за македонската преродба.

Црквите во Струга и струшко се` уште се лесна мета на крадците. Минатиот септември беа ограбени црквите во Ташмаруништа, Јабланица и Вевчани. Одземени беа вредни предмети кои се од непроценливо значење за црквата и воопшто за културата на овие простори. Последна во оваа неславна низа беше црквата „Свети Архангел Гаврил“ која се наоѓа јужно од струшкото село Долна Белица. Кражбата ја извршиле непознати сторители во периодот помеѓу 5-ти и 25-ти април.

Крадците насилно влегле во помошната просторија на црквата во Долна Белица каде го искршиле инвентарот. Во самата црква го уништиле дрвениот иконостас и внатрешните ѕидови. Дивеењето продолжило на кровот од црквата, каде дел од лимот бил оштетен, а дел украден. Разбојниците го извадиле и металниот крст кој се наоѓал на покривот, а потоа го фрлиле во дворот. Како што информираат од СВР Охрид, во најновиот инцидент причинета е материјална штета во висина над 40.000 денари.

МПЦ уште минатата година, по серијата кражби на икони и други вредни предмети во регионот на Охрид и Струга со однесени околу 80 икони од 18-от и 19-от век, најави дека по црквите и другите верски објекти во Дебарско-кичевската епархија ќе постави стотина камери и алармни уреди. „Сепак, сторителите и натаму не се познати“, изјави господин Тимотеј, Митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

„Ние исто така ќе преземеме чекори, највредното од црквите и манастирите да се собере во еден центар во епархијата. Таму од каде што ќе се земат ќе бидат направени копии, а онаму каде ќе бидат изложени ќе стои натпис дека се сопственост на таа црква“, вели Митрополитот.

Според експертите, иконите во струшките цркви потекнуваат од периодот кој е од исклучително значење за македонската преродба. Тие се потпишани на црковнословенски јазик, иако во тој период, сите архереи зборувале на старогрчки, заради што се смета дека се работи за важен период за македонското опстојување.

Црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, е една од ретките цркви во Македонија која во моментов е обезбедена со модерен алармен систем.

XS
SM
MD
LG