Линкови за пристапност

Oтворен Меморијален центар на холокаустот во Скопје


Oтворен Меморијален центар на холокаустот во Скопје
Oтворен Меморијален центар на холокаустот во Скопје

Четврти таков во светот, по „Јад Вашем“ во Ерусалим, Меморијалниот музеј во Вашингтон и Еврејскиот музеј во Берлин

Еврејска музика одново се слушна во некогашното скопско еврејско маало, преку Камениот мост, од другата страна на Вардар. Како пред 70-тина години за време на најголемите еврејски празници, ова место денеска беше главно збиралиште. На местото на некогашните домови на македонските Евреи, денес се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот, вечното почивалиште за 7.148 Евреи од Македонија, чии животи трагично згаснаа во логорот на смртта Треблинка.

Со највисоки почести, трите урни со пепелта на македонски Евреи беа внесени на местото кое од денска ќе биде паметник за трагедијата на еден народ, еден од четирите во светот, по „Јад Вашем“ во Ерусалим, Меморијалниот музеј во Вашингтон и Еврејскиот музеј во Берлин.

„Западот мора да ги научи лекциите од минатото и да покаже решителност во однос на современите закани“, рече вицепремиерот на Израел Моше Јаалон во обраќањето, кој допатува во Скопје по повод официјалното отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

„Холокаустот не почна со концентрационите логори, туку со антисемитизмот и ширењето на говорот на омразата по улиците. Тој не` учи дека фанатичката идеологија не може да се запре со попуштање и индиферентност. Хитлер можеше да го спроведе својот план затоа што премногу добри луѓе одлучија да ги свртат главите и да погледнат на другата страна, да се дистанцираат од болката и страдањата на своите соседи. Се прашувам, како Евреин, која е лекцијата што ќе ја научиме од сето ова? Што е она што сме обврзани да го направиме за ова да не се заборави и да осигуриме дека ова нема да се случи никогаш повеќе“, рече Јаалон.

Тој во име на својата држава и` се заблагодари на Владата на Македонија за враќањето на еврејските имоти и за изградбата на Меморијалниот центар на холокаустот.

„Изградивме паметник за нашите пријатели, за нашите сограѓани, за нашите соседи. Градејќи, градевме и нови мостови на пријателство, соработка и почитување меѓу Македонија и Израел. Но, најважно од се` е дека градевме за да оддадеме длабок пиетет на една голгота на еден народ. Овој Меморијален центар е израз на длабоката верба дека со труд и дело можеш да придонесеш за една сатисфакција, макар и морална, за победата на доброто над неправдите и за триумф на духот. Градевме за да потсетиме, за да одбележиме, за да порачаме - да се запамети, за никогаш да не се повтори“, рече македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред бројните присутни, меѓу кои и претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов и претседателите на Црна Гора и Албанија, Филип Вујановиќ и Бамир Топи, гости од Израел, претставници на еврејската заедница во Македонија, на верските заедници во земјава и граѓани.

Во Меморијалниот центар ќе има постојана изложба со подробен приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, за животот на сефардските Евреи по нивниот прогон од Шпанија во средниот век и нивниот придонес во општеството, а ќе има и сеќавање на трагичното патување во логорот на смртта Треблинка, за што во катче од музејот е поставен еден од железничките вагони со кои биле одведени во смрт.

XS
SM
MD
LG