Линкови за пристапност

„Охридскиот делфин“ замина во историјата


„Охридскиот делфин“ замина во историјата
„Охридскиот делфин“ замина во историјата

Македонскиот олимписки комитет во 1988-та година Атина Бојаџи ја прогласи за великан на македонскиот спорт

По кусо боледување, на 66 години почина Атина Бојаџи, легенда на македонското маратонско пливање, првата Македонка која во 1969-та година го преплива каналот Ла Манш, светска шампионка во маратонско пливање и неколкукратна победничка на Охридскиот маратон. Во одделни анкети Бојаџи беше прогласувана и за спортист на векот во Македонија.

Македонскиот олимписки комитет во 1988-та година ја прогласи за великан на македонскиот спорт. Подвигот на тогаш 25-годишната охриѓанка Бојаџи, сестра на познатитот пливач Дики Бојаџи и пулен на тренерите Александар Радиќ, Славе Фиљан и Славко Његован - со препливувањето на Ла Манш, шест години подоцна, во 1975 година, беше поттик за режисерот Милан Ѓурчинов да го сними македонскиот игран филм “Исправи се Делфина”, во кој главната улога Делфина (креирана и инспирирана од животот и успесите на Бојаџи) ја игра познатата југословенска глумица Неда Арнериќ.

По крајот на кариерата, Бојаџи работеше како пливачки тренер во белградскиот клуб „Црвена Звезда“, девет години живееше и работеше и во Лос Анџелес во САД, од каде на почетокот на војната во поранешна Југославија, во ноември 1991, заминува во воено Сараево кај синот, и таму работи во пливачкиот клуб "Босна", и како главен тренер, и селектор на репрезентацијата на БиХ.

Во Македонија се враќа по бегството од со војна зафатеното Сараево дури во 1995-та, како што изјавуваше, „со два-три пара панталони и со едно кесе во рацете”, и ја добива функцијата - генерален секретар на Пливачката федерација на Македонија.

Во интервјуто за скопскиот неделник „Актуел” пред седум години, Бојаџи живо се сеќаваше на тогашниот голем подвиг “на една малечка Македонка” и ги евоцираше спомените: „Ламанш е црна вода во која не се гледа ни сантиметар во длабочина. Кога ја ставив ногата во вода - избегав... Првиот тренинг ми беше пет минути, а потоа со трчаница избегав во хотелот, во топла када. Јас навистина сакам постудена вода и за тренинг и за натпревар, но таму беше ужасно студено... Имав среќа што капетан Хачинсон, од бродот за придружба, требаше да каже кој ден ќе се плива за да се избегнат големите бранови и струења во Каналот. Да се јавеше тој по пет дена, не верувам дека ќе успеев, но тој се јави дури по еден месец и за кое време, тренирајќи, се аклиматизирав и го приспособив организмот на тие услови. Имав и голема подрршка од еден Холанѓанец со парализирани нозе и во инвалидска количка, кој исто така се подготвуваше за Ламанш и со кого тренирав. Неговата цврстина, како инвалид кој се решил на таков чекор, ми влеа многу самодоверба... Јас, инаку, тренирав во Англија, но стартував од Франција на 9-ти септември 1969-та. Околу мене сите во бунди, 6 часот наутро, а јас треба да пливам. Пливав 13 часа и 20 минути, водата темна, сонце не се појави, ме нападна и јато медузи, но капетанот Хачисон многу добро ме водеше. Имав кризи, особено пред самиот брег, кога поради големата осека водата се повлекуваше и за 300 метри, и ми се чинеше дека пливам во место. Но, извонредниот Хачисон ги извести сите бродови во пристаништето во Довер и тие, со сирените ми даваа поддршка во последните метри. На брегот излегов лазејќи”.

„Охридскиот делфин“, големата спортистка чие животно мото беше - "И покрај сите несреќи што ми се случија, секогаш одам напред и размислувам позитивно", замина во историјата како победник.

XS
SM
MD
LG