Линкови за пристапност

Продолжуваат обвинувањата и заканите со тужби по упадот на полицијата во ТВ А1


Продолжуваат обвинувањата и заканите со тужби по упадот на полицијата во ТВ А1
Продолжуваат обвинувањата и заканите со тужби по упадот на полицијата во ТВ А1

Сепак, сите домашни настани поврзани со скандалот околу судирот на МВР со еден медиум, како да паднаа во сенка по случувањата во Брисел каде се прелеаа конфронтациите на власта со А1

Една недела по инцидентите меѓу полицијата, новинарите и граѓаните, пред и во телевизијата со национална концесија која важи за еден од најмоќните медиуми во државата, секојдневно се објавуваат соопштенија со меѓусебни обвинувања на директно спротивставените страни – МВР и медиумот, но и на партиите од власта и опозицијата. Додека инволвираните најавуваат и тужби, скандалот околу А1 се прошири и на меѓународен план.

Најпрвин, своето тврдење дека известувањето на А1 за скандалот во четвртокот било пристрасно и непрофесионално, МВР го аргументира со ставот дека „телевизијата вооопшто не сакала да го пренесе соопштението и ставот на МВР дека се работи за постапување по судска наредба, за редовна финансиска контрола на работењето на други фирми регистрирани на истата адреса“. Според МВР, со тоа „дел од јавноста, свесно или несвесно, беше доведена во заблуда дека станува збор за атак врз телевизијата“. А1 тоа го демантираше, објавувајќи прилог во кој се тврди дека полициските сопштенија вечерта биле навремено објавувани, за што според телевизијата сведочеле и снимките од настанот.

Но, откако вчера МВР ја изненади и збуни јавноста со соопштението објавено на својата Интернет страница www.mrv.gov.mk, во кое им се заблагодари „на граѓаните за поддршката која им ја искажуваат на полициските службеници што не потклекнаа на навредите и провокациите и крајно професионално си ги извршија своите задачи“ и испрати апел до оној дел од граѓаните кои „сакаат да го изразат својот револт на демократски начин и во свое лично име да побараат санкции за однесувањето на А1, истото да го сторат до надлежните институции“, упатувајќи ги на одредбите на Уставот, Законот за радиодифузија и Етичкиот кодекс на новинарите, следуваа реакции од дел од експертската јавност и од засегнатиот медиум.

Апелот на МВР, А1 го оцени како скандал без преседан, зашто во досегашната пракса во Македонија не било забележано полиција да им нуди бесплатна правна помош на граѓани за да тужат еден медиум. На програмата на А1, политикологот Стево Пендаровски тврдеше дека вокабуларот на соопштението е невообичаен и дека МВР не смее да дава правна поука и правна помош.

„Не сум чул досега соопштение на државен орган од овој тип, полиција или внатрешни работи која зборува, дава квалификации за работата на медиумот или на крајот постои формулација во која вели, `сериозно сме загрижени заради ова`“, изјави Пендаровски, советник на поранешните претседатели Трајковски и Црвенковски.

„Ако сте сериозно загрижени, а работите во полиција, поднесувате пријава, не повикувате други да го направат тоа за вас. Нема во вокабуларот на полициите во светот - сериозно сме загрижени“, рече Пендаровски.

Д-р Мирјана Најчевска од ИСППИ во изјавата за А1 беше децидна дека полицискиот апел го доживува како „повик за насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, бидејќи основен столб на демократијата претставува слободата на изразување.

„Ваков еден повик е потполно спротивен на нашиот Устав, спротивен е на член 10 од Европската конвенција за човекови права и спротивен е на многу јасните решенија на Европскиот суд за човекови права“, рече Најчевска.

Но, МВР излезе со „Исправка на неточното известување на A1 Телевизија“ исто така објавена на официјалниот сајт, според која „МВР во рамки на посветеноста за транспарентно работење е обврзано да одговара на барањата на граѓаните и да постапува по нив или да ги упати граѓаните каде да се обратат доколку сметаат дека некои нивни права биле прекршени“. Во исправката се тврди дека „сосем е неточно дека МВР не смее да ги поучува граѓаните, а тоа би требало да им биде познато на новинарите од А1 телевизија кои во безброј наврати досега присуствувале на промоција на различни кампањи“, и дека повикот до граѓаните бил последица на „бројни поплаки на однесувањето на А1 телевизија, со кои граѓаните сметаа дека им било оневозможено правото на објективно и непристрасно информирање“.

И додека портпаролот на МВР Иво Котевски најави дека заради коментарите на Интернет-страницата на А1, во кои според него неосновано бил наклеветен дека зел мито, ќе го тужи модераторот на страницата, А1 возврати дека „за изнесените навреди и клевети од страна на МВР, ќе ја тужи полицијата“.

Сепак, сите домашни настани поврзани со скандалот околу судирот на МВР со еден медиум, како да паднаа во сенка по случувањата во Брисел каде се прелеаа конфронтациите на власта со А1. Токму според А1, која има свој дописник од Брисел, Европскиот парламент едногласно го осудил настапот на пратеникот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, младиот Влатко Ѓорчев, кој на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет, наместо да одговара на прашањата на европратениците и да даде свое објаснување за инцидентите во А1 телевизија и за слободата на изразување на медиумите во Македонија, се обидел да ја дефокусира расправата со остар вербален напад врз евроамбасадорот во Скопје, Ерван Фуере и со обвинувања против него за непристрасност, за преголема присутност во медиумите и за наклонестост кон опозицијата. Иако претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, сопартиец на Ѓорчев, изјави дека е убеден „дека Влатко Ѓорчев ги штити интересите на Република Македонија“, опозицијата ја обвини владечката партија дека со, според нејзините претставници, безобразниот напад на Ѓорчев врз Фуере, ја раскарува Македонија со пријателите. Опозицијата обвини и дека со настапот на Ѓорчев се прекршени одредбите на Виенската конвенција, а претседателката на Националниот совет за евроинтеграции, Радмила Шеќеринска од СДСМ, беше децидна дека „Македонија мора да побара одговорност и од пратеникот Ѓорчев и од ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што поради вакви `стрелци`, Македонија доживува срам“.

XS
SM
MD
LG