Тактичкото нуклеарно оружје е слично по големина како и стратешките нуклеарни боеви глави, но тоа е произведено да се употребува за куси растојанија. Тука се проектилите земја-воздух со домет од нешто помалку од 500 километри или таканареченото „оружје за бојно поле“.
Дарил Кимбал е претседател на Асоцијацијата за контрола на оружје, приватна истражувачка компанија. Тој вели дека е тешко да се каже колку тактички боеви глави поседуваат Вашингтон и Москва бидејќи не постои формален договор за таквото оружје.
„Според независни проценки, САД имаат неколку стотици тактички нуклеарни боеви глави вклучувајќи околу 180 во 5 бази на НАТО во Европа, Италија, Турција, Германија, Холандија и Белгија. Се верува дека Русија поседува околу 3.000 тактички нуклеарни бомби, но повеќето од нив не се употребливи. Многу од нив треба да бидат уништени или да се добро обезбедени“, вели Кимбал.
Повеќето експерти веруваат дека поголемиот дел од руските тактички боеви глави се лоцирани на источните граници за да компензира за она што се смета за нуклеарна закана од Кина.
Џозеф Сиринсион, претседател на Фондот Плаушеарс, фондација чиј фокус е политиката за нуклерно оружје, вели дека постои уште една причина за широката супериорност на Москва кога станува збор за тактичкото нуклеарно оружје.
„Русите, особено од крајот на Студената војна, наваму, на него гледаат како на неопходност наспроти, како што ја нарекуваат, конвенционалната супериорност на НАТО и САД. Ова е сосема спротивна ситуација на онаа од периодот на Студената војна, кога НАТО имаше на располагање илјадници парчиња тактичко нуклеарно оружје како одговор на, како што ги сметаа супериорните советски армиски тенкови“, изјави овој експерт.
Многумина стручњаци, вклучувајќи го и Дарил Кимбал, веруваат дека тактичкото нуклеарно оружје повеќе се обврска отколку капитал и оти претставуваат специфичен ризик по безбедноста.
„Тие се физички помали, полесни за транспорт и помалку безбедни. Не знаеме дали Русија го има обезбедено ова тактичко нуклеарно оружје, така што долгорочно гледано тоа претставува ризик за нуклеарен тероризам. Затоа најдобриот начин да се справите со ризикот е да преземете одговорност и на крајот да го елиминирате застареното оружје на 20-от век“, смета Кимбал.
Тактичкото нуклеарно оружје не беше дел од новиот договор СТАРТ за контрола на нуклеарното оружје, неодамна ратификуван од американскиот Сенат.
Администрацијата на претседателот Барак Обама намалувањето на обемот на нуклеарното оружје ширум светот го смета за приоритет во неговата надворешно-политичка агенда. Експертите велат дека новиот договор СТАРТ е важен чекор напред, но сега е време Вашингтон и Москва да се фокусираат и на другите категории, како тактичкото нуклеарно оружје.