Врховниот суд во западната сојузна држава Јута ја преиначи пресудата за лидерот на полигамистичката секта и нареди повторно да му се суди.
Судот на Јута одлучи да започне нова постапка против Ворен Џефс, кој во 2007-та година беше обвинет по две основи, за соучество во силување и за тоа што наводно омажил 14-годишна девојка за нејзин 19-годишен роднина.
Одлуката се базира на пронајдените грешки во инструкциите претходно дадени на судиите, а кои придонеле Џефс да не добие фер судење. Тој во моментов отслужува две последователни затворски казни од пет години до доживотна казна.
Обвинителите велат дека Џефс ги искористил верските овластувања за да ја присили девојката да се омажи за роднината и покрај нејзините противења.
Ворен Џефс е таканаречен духовен лидер од Фундаменталната црква Исус Христос на светците на денешнината, чии следбеници се вклучени во полигамија во бракови склучувани од лидери на оваа црква. Следбениците главно живеаат во Јута, Аризона и Тексас.