Линкови за пристапност

Судирот на владиката Петар со иселеници во Австралија донесе напнатост во МПЦ-ОА


Владиката Петар обвинува за обид за уривање на Црквата. Владиката Тимотеј, пак возвраќа дека не може да се користат црковните канони за лични пресметки

Расте напнатоста во МПЦ-ОА по одлуката на владиката Петар да го екскомуницира Игор Александров, претседателот на македонските заедници во Австралија.

Одлуката за неговата екскомуникација од МПЦ ја донесе Митрополијата во Мелбурн на 17-ти јули годинава. Во одлуката стои дека Игор Александров е виновен за престапите според коишто е обвинет, согласно Светите Канони на МПЦ. Владиката Петар, по чија иницијатива е донесена оваа одлука, вели дека главната негова вина е организирање на парацрковна организација на МПЦ со расчинети свештеници.

„Тој објавуваше дека сака да ја урне МПЦ со паралелна црква, полошо нешто што своевремено Вранишковски го правеше и го прави“, рече владиката Петар.

Оваа одлука наиде на остри реакции од страна на владиката Тимотеј, којшто е надлежен за таа епархија.

“Во црквата не може секој да прави што ќе му падне на ум. Не може црковните канони да се користат за лични пресметки“, изјави владиката Тимотеј.

Во изјавата тој нагласува дека веќе две години е владика во таа епархија и дека никој нема право да се меша во неговите ингеренции.

На одлуката за екскомуникација денеска со реакција се јавија приврзаници на екскомуницираниот Александров од Австралија. Во писменото обраќање до јавноста, тие наведуваат дека одлуката е „злонамерно и заведувачки објавена за да се оцрни предводниот претставник на отпорот против злоделата на Петар во МПЦ, иако во самиот текст на пресудата пишува дека за да биде валидна треба да ја одобри Архиепископски Црковен Суд во Скопје, кој воопшто не ја ни разгледал“.

Во соопштението тие исто така обвинуваат дека членовите на Епархискиот суд што ја донел одлуката за екскомуникација се сопственици на имоти што ги водат како македонски православни храмови во Австралија, надвор од уставните прописи на МПЦ.

„Според Член 172 уставот на МПЦ, правни лица во МПЦ, со право да стекнуваат и поседуваат имот се само Архиескопијата, Епархиите, црковните општини, манастирите, задужбините и самостојните установи и фондови, легати и одделни храмови на МПЦ. Уставот не дозволува поединци да бидат регистрирани како сопственици на црковен имот. Тоа значи дека Петар и останатите членови на неговиот Епархиски Суд дејствуваат надвор од МПЦ, односно дека токму тие се расколници, иако за расколништво ги обвинуваат владиката Тимотеј и црковните општини кои ја разобличуваат нивната измама и злоупотреба на името на МПЦ“, стои во соопштението.

Во реакцијата се наведува и дека за одлуката на Епархискиот суд за екскомуникација е покрената постапка пред Синодот на МПЦ ОА.

Владиката Тимотеј најави дека седницата на Синодот на којашто ќе се разгледа случајот ќе биде одржана во септември.

XS
SM
MD
LG