Линкови за пристапност

Расте бројот на муслимански студенти на Католичкиот универзитет во САД


Расте бројот на муслимански студенти на Католичкиот универзитет во САД
Расте бројот на муслимански студенти на Католичкиот универзитет во САД

Според експертите, во основата е надежта за разбирање меѓу луѓето од сите вери

На Католичкиот универзитет на Америка, не само католиците се чувствуваат како дома.

Три до четирипати на ден, Риф ал Шабана бара празна училница каде ќе се помоли. Оваа муслиманка од Саудиска Арабија го избрала Католичкиот универзитет поради конзервативните вредности.

„Ставот на училиштето за семејните вредности и против абортусот се поклопува со моите убедувања“, вели Ал Шабана.

Таа е дел од се` поголемиот број на муслимански студенти на универзитетот. Последните пет години, бројот се зголемил од 41 на 91.

„Иако не се католици, имаат чувство на сигурност и безбедност да ја практикуваат верата на универзитетот“, коментира Кристин Мика, Декан на Одделот за прием.

Виам ал Салми се префрлила на Католичкиот од секуларен универзитет.

„Средината е верска и учењата се слични на оние со кои израснав. Тука не е чудно да се молите. Ве разбираат“, раскажува Ал Салми.

За универзитетскиот капелан, отец Џуд Деанџело, во основата е надежта за разбирање меѓу луѓето од сите вери.

„Да ги почитуваме разликите, но да се радуваме на начините на кои гледаме на Бога и во кои може да бидеме слични во разбирањето на тоа кој е Бог“, советува Деанџело.

Кени Вајт, католик, станал добар пријател со студент – муслиман.

„Тој е мошне посветен муслиман и ме инспирираше повеќе да се посветам на мојата вера“, вели Вајт.

И Вијам ал Салми се инспирирала кога слушнала дека нејзиниот професор ја чита Библијата во слободно време.

„Тоа е поттик за мене да го сторам истото. Да го земам Коранот и да го читам секогаш кога имам време“, вели Ал Салми.

XS
SM
MD
LG