Во САД, корпорациите и групи на активисти редовно вршат влијание врз Конгресот и извршната власт во донесувањето на одлуки од јавен интерес. Лобирањето нечесто и се критикува, како промоција на специјални интереси, врз грбот на јавноста.
Постојат закони, како и етички правила за членовите на Конгресот и владата за лобирањето, што спречуваат тоа да стане - поткупување. Професорот Марк Ром од Универзитетот Џорџтаун говори што ги дефинира границите: „Да се дадат пари за да се заврши работата – тоа е против законот; да се разговара со некого за да се заврши работата – не е. Но, има многу начини на кои парите сепак влегуваат во политичкиот процес, што чини да биде тешко да се дефинираат границите“.
Медиумите и граѓанските здруженија будно следат како се врши лобирањето. Еден од оние што внимателно набљудува е Кен Вогел од магазинот Политико во Вашингтон.
„Ако забележат нешто чудно, дури и при најмал знак за неправилност во вршењето на влијание за одреден закон, веднаш реагираат. Тоа може да стане случај што штетно ќе се одрази на вклучениот политичар“, вели Вогел.
Толку штетно, што политичарот може да заврши – зад решетки.
Конгресменот од Калифорнија Ренди „Дјук“ Канингхам доби казна затвор од осум години за поткуп и други обвиненија. Прифатил контра-услуги од договорен соработник, меѓу кои и јахта за живеење во пристаништето во Вашингтон. Конгресменот Боб Неј од Охајо беше осуден на 30-месеци затвор за поткуп од лобистот Џек Абрамов, кој како благодарност за сторената услуга го однел на луксузна голф-тура во Шкотска и му дал средства за изборната кампања.
Има и друг етички проблем – кога политичарите стануваат лобисти, и обратно. Критичарите тврдат дека ова им овозможува несекојдневно влијание врз законите и регулативата во целина. На пример, ново истражување на Вашингтон пост индицира дека тројца на секои четири лобисти за нафтената и гасна индустрија, порано работеле во федералната влада, а многумина од нив на законодавни позиции.
Во редовното годишно обраќање до нацијата, Обама зимава кажа: „Ги исклучивме лобистите од местата на кои се креира политиката, или позициите во одборите и комисиите на федералната влада“. Па сепак, и покрај тоа, некои лобисти работат за неговата влада, под одредени исклучоци и согласно негова извршна наредба.