Американската политика е дека либискиот водач Моамар Гадафи “треба да си замине“, но тоа не е целта на меѓународната армиска акција против силите лојални на Гадафи, вели американскиот претседател Барак Обама.
Обама, кој во моментов е на турнеја по Латинска Америка, за време на престојот во Чиле рече дека меѓународната заедница, едноставно, не можела само „да стои настрана со празни зборови“ додека Гадафи ја свртел армијата против својот народ.
Обама кажа и дека американската армиска реакција во Либија е во знак на поддршка на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН што одобри воспоставување на зона на забрането летање. Мандатот на таа операција е насочен на хуманитарната закана што Гадафи ја претставува за својот народ, рече американскиот претседател.
Според Обама, САД предводеле во првата фаза на операцијата поради армискиот капацитет, но во наредниот период ќе ја предадат раководната улога на другите земји-учеснички. Арапската лига апсолутно ќе зеде учество, рече првиот човек на САД.
Во Европа се јавија поделби околу тоа кој ќе ја преземе командата на меѓународната операција.
Британскиот премиер Дејвид Камерон смета дека одговорноста за зоната на забрането летање треба да се префрли на НАТО. Но, Франција, која по три децении се врати во командната структура на НАТО во 2009-та, индицираше дека не сака Алијансата да игра централна улога.
Турција, која како членка на НАТО е против употребата на сила во Либија, неделата одби да го поддржи планот на Алијансата за зона на забрането летање. Сепак, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган порекна дека земјата е против учеството на НАТО во операцијата, додавајќи дека само сака гаранции дека ќе биде краткотрајна и нема да резултира во окупација.
Кина денес повика на итен прекин на огнот во Либија. Портпарол на Министерството за надворешни работи кажа дека Пекинг е против употребата на сила што би можела да доведе до поголеми цивилни жртви.
Некои членови на Конгресот се незадоволни што Обама не се консултирал со нив пред да одобри употреба на воена сила во Либија. Тој испрати писмо до конгресните водачи со кое формално ја објаснува американската мисија во земјата. Писмото ги уверува конгресните лидери дека САД вршат ограничена и добро дефинирана мисија и дека не се испратени копнени сили.