Линкови за пристапност

Ќор-сокакот во Либија може да резултира во поостра меѓународна акција


Ќор-сокакот во Либија може да резултира во поостра меѓународна акција
Ќор-сокакот во Либија може да резултира во поостра меѓународна акција

Целта на операцијата тогаш да стане соборување на Гадафи

Додека трае армиската операција на коалиционите сили во Либија, одобрена со резолуција на Советот за безбедност на ОН, некои стручњаци сметаат дека Западот можеби создава ситуација во која ниту либискиот водач Моамар Гадафи, ниту бунтовниците ќе може да победат. Таквиот продолжителен ќор-сокак би можел да ја доведе коалицијата до поагресивна, но политички рискантна акција за соборување на Гадафи.

Во интервјуто за ТВ-мрежата Фокс, началникот на Здружениот генералштаб, адмиралот Мајкл Мулен, изјави дека резолуцијата на ОН само пропишува заштита на цивилни области и не повикува на симнување на Гадафи од власта.

„Фокусот на резолуцијата на Советот на безбедност на ОН беше седиштето на бунтовниците во Бенгази и заштита на цивилното население. Не одиме директно на Гадафи и не вршиме директен напад врз него во овој момент“, рече Мулен.

Но, некои аналитичари се загрижени дека со ограничена поддршка на бунтовничките сили, може само да дојде до продлабочување на ќор-сокакот, како и дека ниту една страна нема да извојува дефинитивна победа. Поранешниот аналитичар за Блискиот Исток при Агенцијата за одбранбено разузнавање, Џефри Вајт, коментира дека дури и со воведувањето на зона на забрането летање и напади врз одредени објекти на либиската армија, исходот е неизвесен.

„Владините сили се ослабени поради зоната на забрането летање и досегашните копнени напади. Но, не дека се комплетно немоќни. Веќе покажаа дека се способни да се адаптираат на ситуацијата, дека можат да опстанат, освен доколку не дојде до интензивирање на нападите“, вели Џефри Вајт.

Најлошо сценарио би била „де факто“ поделба на земјата со што Гадафи би имал контролата врз Триполи и западните делови, а отцепената бунтовничка влада врз Бенгази на исток.

Поранешниот разузнавачки аналитичар на Стејт департментот, Вејн Вајт, мисли дека тоа може да ја доведе коалицијата до поостра акција за поддршка на бунтовниците.

„Гадафи е разнишан, дури и во западниот дел на Либија. Режимот е изолиран, а меѓународната заедница дава поддршка за една кохерентна опозиција. Тоа може да создаде пукнатини во неговиот режим. Сметам дека никој кој заговараше ОН да реагираат не е заинтересиран за поделба на Либија. Сите се заинтересирани за смена на Гадафи“, размислува Вајт.

Па сепак, како што рече адмиралот Мулен, резолуцијата на ОН не повикува на смена на режимот и конкретно забранува каква и да е „странска окупаторска сила“ во Либија.

Џефри Вајт, пак, наведува дека постојат и други мерки што може да ги преземе коалицијата, на пример напади врз комуникационите врски и обезбедување на оружје за бунтовниците. Но, подвлекува дека ризикот е во тоа што некои држави истото може да го окарактеризираат како - одење предалеку.

Воените аналитичари се согласни дека бунтовниците се слабо вооружени и обучени, но и дека либиската армија не е многу подобра. Вејн Вајт ја опишува како „најлошата од поголемите земји на Блискиот Исток“.

XS
SM
MD
LG