Линкови за пристапност

70 години од депортацијата на македонските Евреи


Да не се заборави: од денешната комеморација во Скопје
Да не се заборави: од денешната комеморација во Скопје
Во Скопје, Штип и Битола со комеморации се одбележа 70-годишнината од апсењето и депортацијата на македонските Евреи во фашистичките логори на смрта, каде беа убиени 98% од Евреите кои речиси пет века, се` до 1943-та, живееле во Македонија.

На 11-ти март 1943-та година, бугарските фашисти уапсија и подоцна во вагони депортираа 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип, кои го завршија животот во гасните комори на концентрациониот логор Треблинка.

Денес во Македонија живеат само околу педесетина еврејски семејства.

Обединетата македонска дијаспора со соопштение од Вашингтон потенцираше дека „со голема тага ја одбележува 70-годишнината од масовната депортација на македонската еврејска заедница во концентрационите логори од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна“ и побара од актуелната власт во Бугарија, „јавно да признае дека како резултат на соработката на фашистичката власт на Бугарија со нацистичка Германија, 7.144 македонски Евреи беа депортирани во концентрационите логори“ и официјално да и се извини македонската еврејска заедница.

Во Декларацијата што неодамна ја усвои бугарскиот Парламент, а чии делови пренесоа медиумите во Скопје, за првпат се признава неуспех при спасувањето од депортација на Eвреите од териториите под бугарска контрола за време на Втората светска војна.

„Бугарија ја одби депортацијата на над 48.000 Евреи, бугарски граѓани, во концентрационите логори. Сепак, објективна проценка на историските настани не може да го негира фактот дека 11.343 Eвреи беа депортирани од северна Грција и Кралството Југославија, кои во тоа време беа под германско управување“, стои во Декларацијата.

„Иако се осудува овој криминален чин, преземен од Хитлеровата команда, изразуваме жалење што локалните бугарски власти немаа можност да го спречат“, се вели во усвоениот документ.

Според македонските медиуми, Еврејската заедница во Македонија и раководството на Музејот на холокаустот во Скопје не се согласуваат докрај со декларацијата на официјална Софија и излегоа со став дека историските факти покажуваат дека вината на бугарската фашистичка власт за страдањата на македонските Евреи во 1943-та е директна, а не индиректна, како што стои во Декларацијата.
XS
SM
MD
LG