Со пригодна церемонија во една од старите претседателски палати на Садам Хусеин во предградие на Багдад, американската армија и формално стави крај на борбените операции во Ирак и ја предаде командата врз преостанатите 50.000 американски војници на нов генерал со четири ѕвездички.
Американски воен оркестар ги свиреше американската и ирачката химна додека се креваа знамињата на двете земји, а со церемонијата претседаваше американскиот потпретседател Џо Бајден.
„Одржувавме ветување, ветување дадено на американскиот народ и на народот на Ирак, за намалување на бројот на силите на околу 50.000, а на пат сме до наредната година да ги повлечеме сите сили, согласно договорот постигнат со ирачката влада, а потпишан од претседателот Буш“, истакна Бајден.
Тој зборуваше за пожртвуваноста на американските и ирачки сили и ирачки цивили, подвлекувајќи дека преку еден милион американски војници биле распоредени во Ирак во периодот од изминативе седум години. Бајден додаде дека американската инволвираност во Ирак ќе продолжи, не само со илјадници трупи кои ќе имаат советодавна улога во армијата, но со наплив на дипломати и хуманитарни работници.
„Нашата цел не е само физички да го обезбедиме Ирак, туку и да гарантираме економска стабилност во земјата“, рече Бајден.
Американскиот потпретседател ги повика ирачките политичари да стават крај на речиси шестмесечниот спор и да формираат нова влада.
Во меѓувреме, продолжуваат бунтовничките напади во Ирак. Бајден сепак подвлече дека целокупното насилство во земјата е на најниско ниво од почетокот на инвазијата во 2003-та под водство на САД.
Задачата на преостанатите американски трупи е да помогнат во случај на вонредни ситуации, а експертите велат дека ќе служат и како стабилизирачко влијание за да се спречат етничките и секташките тензии во земјата.