Се нарекува маркетинг на однесувањето. Веб-страниците, агенциите за рекламирање на Интернет, и оние кои прибираат информациите од глобалната мрежа, сите користат технологија за да дознаат кои страници ги посетувате, што ви се допаѓа, и, најважно, што ве интересира да купите.
„Маркетинг агенциите градат големи, комплексни профили за муштериите“, вели Џинџер Мекол од Информативниот центар Електронска приватност
Интернет-страниците всадуваат средство за следење на посетеноста, наречено „колачиња“, во самиот комјутер на корисникот. На овој начин се добива детална информација за профилот на корисникот што потоа се користи од страна на маркетинг-мрежите на Интернет за да се идентификуваат тие корисници.
„Мрежата им дозволува на маркетинг-агенциите да допрат до демографските групи за кои се најмногу заинтересирни“, коментира Џим Харпер од Институтот Като.
Критиката нацедува дека на овој начин се собираат премногу лични информации, како и дека е релативно лесно да се поврзат одредени поштенски кодови и финансиски информации за да се комплетира идентитетот на одредена личност.
Постои загриженост дека и преку користење на мрежите за дружење како Фејсбук, приватноста е загрозена. Кога се регистрирате на Фејсбук, треба да го дадете вашето вистинско име, што значи дека информацијата за следење на посетеноста на веб-страниците се поврзува со вашиот идентитет.
Податоците добиени преку „колачињата“ ги користат и специјализираните компании за собирање на информации, кои потоа ги пакуваат во милиони профили на корисници, ги групираат и продаваат на мрежите за рекламирање.
Иако корисникот на Интернет има можност да ја контролира сета процедура и да ги спречи „колачињата“, критиката вели дека постојат заобиколни начини за контрола на тоа кои веб-страници ги посетувате. Тоа дури роди и сугестии дека најдобриот начин за заштита на Интернет е - соодветна владина регулатива. Но, тоа, пак го отвора старото прашање за владина контрола врз информациите.
Се` на се`, патот до заштитата на корисниците на Интернет несомнено е тие да бидат што е можно подобро информирани за тоа каков ризик вклучува секој „клик“ со компјутерското глувче.