Линкови за пристапност

Џојстикот и душевното здравје


Џојстикот и душевното здравје
Џојстикот и душевното здравје

Американската академија за педијатрија препорачува за помалите деца да не минуваат повеќе од еден час на видео-игри, на компјутер или пак во гледање на телевизија

Доколку вашите деца минуваат многу време на видео-игри, посвете внимание. Најново истражување не само што сугерира умереност, туку и укажува на сериозни ментални последици.

Децата кои се опседнати од видео-игри може да станат зависни од нив, дури и да покажат знаци на ментални нарушувања, се наведува во истражувањето објавено во журналот „Педијатрија“.

Меѓународен тим научници две години следел околу 3.000 ученици од основни и средни училишта и открил дека „најзагреаните“ за игрите имале и најголеми проблеми.

„Ова е прва студија што открива дека децата кои патолошки навлегле во игрите, го зголемиле нивото на депресија, анксиозност и социјална фобија. Кога прекинале со патолошкиот начин на играње, се намалиле и проблемите“, потенцира д-р Мајкл Манос, психолог од Детската болница во Кливленд, Охајо.

Таканаречените „патолошки играчи“ минале околу 31 час неделно на видео-игри, споредено со умерените, кои играле околу 19 часа. Споредбата открила дека децата во првата категорија се со поголем ризик од социјална фобија. Исто така, децата со поимпулсивно однесување и кои се чувствувале помалку комотно со други деца, минувале повеќе време на игрите.

Експертите го гледаат спасот во умереноста.

„Родителите треба да го ограничат времето на играње. Децата од категоријата патолошки играчи ќе пружат отпор и затоа родителите можеќи ќе треба да побараат помош од стручњак за ментално здравје“, советува д-р Манос.

Американската академија за педијатрија препорачува за помалите деца да не минуваат повеќе од еден час на видео-игри, на компјутер или пак во гледање на телевизија. За средношколците - не повеќе од два часа дневно.

Од друга страна, Здружението на софтвери зазабава не се согласува со студијата и ги нарекува нејзините наоди - погрешни.

XS
SM
MD
LG