Линкови за пристапност

Економски настани што ја одбележаа 2010 година


Економски настани што ја одбележаа 2010 година
Економски настани што ја одбележаа 2010 година

И најголемите оптимисти се категорични дека најреалната прогноза за светската економија во 2011 е мошне слична со 2010-та - бавно, но стабилно темпо во услови на брзо растечки долгови

Напнатоста од глобалната рецесија попушти, но економистите велат дека светот и натаму чувствува турбуленција – голема невработеност, криза со долгови во Европа и бавно економско опоравување.

Според експертите, светската економија за 2010 ја означи најтешката финансиска криза на оваа генерација. Сепак, повеќе од две години по влошување на ситуацијата, опоравувањето е нерамномерно и како што вели Ханс Тајмер, економист од Светската банка, главно заради растежот на земјите во развој.

„Засега, забележлива успешна приказна е развојот на новите економии во Азија, а се` повеќе и во Латинска Америка“, изјави овој експерт.

Но брзата експанзија на земјите како Кина, Индија и Бразил се уште една потврда за зголемената нерамнотежа. Освен тоа, од средината на 2010, високата невработеност во САД и заканата од банкрот во земји од еврозоната, беше дополнителен потсетник дека опоравувањето нема да оди лесно.

По серијата протести во Грција околу рестриктивните мерки како услов за добивање заем од ЕУ, загрижените инвеститори загубија доверба во еврото.

И на доларот не му одеше најдобро.

Една недела пред клучната средба на лидерите на Г-20, Американската централна банка соопшти нов план за купување на владини хартии од вредност во износ од 600 милијарди долари. Целта на политиката беше да ги намали каматните стапки и да ја поттикне економијата во земјата, но лидерите на Групата 20 најразвиени земји ги обвинија САД за нереално зголемување на вредноста на доларот на светските пазари, со крајна цел поефтинување на американскиот извоз. Г-20 се заложи за ставот да не се манипулира со националните валути.

Сепак, неможноста да се најде поголема основа за заеднички јазик, наскоро беше засенето од стравување од поголема европска криза. Поради проблеми со подмирување на долговите, Ирска стана втора земја од евро-зоната што побара помош за излез од кризата.

Без поголем фонд, економистот Дезмонд Лакман од Американскиот институт Ентерпрајс, вели дека другите земји со големи долгови имаат големи шанси да се соочат со слични проблеми.

„Следна земја најверојатно ќе биде Португалија, а потоа Шпанија“.

Сепак, многумина сметаат дека како трета најголема економија во Европа, Шпанија е преголема за да пропадне.

Како и да е, економистите велат дека стабилна Европа е критична за процесот на глобално опоравување.

Исто така, постои се поголем консензус меѓу експертите дека брзата експанзија на земјите во развој, не е одржлива без балансиран растеж во западните земји.

Ханс Тајмер од Светската банка, вели:

„Дел од проблемот е што зголемената невработеност станува структурен дел во САД. Концентрирана е во секторите што беа неодржливо големи во периодот пред кризата, така што сега мора да се креираат нови работни места во нови сектори“.

Додека старата го отвара патот на новата година, задоцнетата, но забележлива доверба кај американските потрошувачи, помага да се намалат шансите за уште една економска криза.

Сепак и најголемите оптимисти се категорични дека најреалната прогноза за светската економија во 2011 е мошне слична со 2010-та - бавно, но стабилно темпо во услови на брзо растечки долгови.

XS
SM
MD
LG