Линкови за пристапност

МНР го повика американскиот заменик-амбасадор на разговор


Џес Бејли на сенатскиот распит на 17-ти септември
Џес Бејли на сенатскиот распит на 17-ти септември

„Поради несоодветното ословување на припадниците на македонското мнозинско население како `Словени` од новоименуваниот американски амбасадор“, стои во соопштението

Заменик-амбасадорот на САД Бартон Путни денес беше повикан во Министерството за надворешни работи на Македонија, при што, според соопштението на Министерството, му била изразена загриженост поради несоодветното ословување на припадниците на македонското мнозинско население како „Словени“ од новоименуваниот американски амбасадор Џес Линпинкот Бејли во Комисијата за надворешни работи на Сенатот при неговото сослушување оддржано на 17-ти септември годинава.

„Ваквото ословување го доведува во прашање идентитетот и ги повредува чувствата на македонскиот народ. Едновремено, несоодветното ословување на македонскиот народ би можело да има негативни импликации на надворешен и внатрешно-политички план“, е реакцијата, што, според соопштението, му била искажана на американскиот заменик-амбасадор.

За реакцијата на МНР побаравме став од американската мабасада во Скопје, но, до испраќањето на извештајот, оттаму немаше реакција.

А, што всушност, рече амбасадорот Бејли?

Сенаторот Крис Марфи, демократ од Конектикат, којшто раководеше со распитот, го праша за тоа каква е ситуацијата со Охридскиот договор денес, притоа наведувајќи дека во Македонија има „словенско мнозинство и албанско малцинство“.

Амбасадорот Бејли одговори дека во многу погледи е постигнат важен напредок, но дека останува уште многу да се стори и во делот каде што елаборираше на што работи Амбасадата, рече: „Исто така работиме во многу области, јавната дипломатија, преку програмите на Мировниот корпус, да изградиме чувство на заедничка иднина и толеранција меѓу етнички албанските и македонски населенија. Се разбира, би забележал дека во составот на македонското општество има многу повеќе отколку само Словени и Албанци. Има Турци, има Роми и други. Така, ова на многу начини е микрокосмос за богатството на Балканот и со цел сите тие населенија да видат заедничка иднина, мислам дека САД имаат важна улога со оглед на нашата историја и на нашиот сопствен збир на вредности во врска со ова“.

Иако Бејли во уводното излагање ги употреби термините Македонци и Македонија, дел од македонските медиуми, а потоа и МНР, реагираа на „несоодветното ословување на припадниците на македонското мнозинско население“.

Дел од медиумите излагањето на амбасадорот го оценија како „провокација“, „срамота“ и „опасна теза“, а на социјалните мрежи се појавија протести на дел од македонската прекуокеанска дијаспора.

„Македонски манифест“, здружението на интелектуалци, главно од сферата на културата, ја имаше досега најострата реакција. Во отвореното писмо тоа потенцира дека не се работи за ненамерна грешка, туку за крајно навредлив чин.

„Господине Бејли, според она што го рековте во Сенатот, Вие доаѓате како непријател на македонскиот народ!“, му пишуваат интелектуалците од „Македонски манифест“ на амбасадорот, потенцирајќи дека неговиот „негаторскиот однос спрема Македонците, го прави недобредојден во нашата земја“, за што според нив, македонскиот државен врв треба да донесе соодветна одлука.

Според коментарот во „Утрински весник“, дел од излагањето на Бејли „очигледно, е преведен како сигнал дека американскиот амбасадор, уште недојден, има заедничка позиција со Атина и дека ги негира Македонците“.

Пратеникот од владејачката ДУИ, Артан Груби, пак, за порталот НОВА коментираше дека „не е партнер во овој потег“.

„Не можам да бидам дел од еден инфантилен акт на МНР кон САД или било која друга држава. САД е најсилниот партнер на нашата земја и регионот и затоа и го одбивам овој акт на МНР, кој не е донесен во мое име и сум сигурен дека не е донесен од име на Албанците кои се една третина во земјава. Амбасадорот на САД е добредојден и ќе ја има целата нашата поддршка да ги реализираме нашите заеднички цели и стремежи“, изјави Груби.

XS
SM
MD
LG