Линкови за пристапност

Пад на поддршката за ЕУ во Македонија


Пад на поддршката за ЕУ во Македонија
Пад на поддршката за ЕУ во Македонија

Сега наместо ланските 66% кои веруваат дека членството во ЕУ е добра работа за Македнонија, таа бројка е 60.

За една година бројот на граѓаните во Македонија кои веруваат во ЕУ, опаднал за 6%. Ова го покажа последното истражување на европската агенција Евростат. Според него, наместо ланските 66% кои веруваат дека членството во ЕУ е добра работа за Македонија, сега таа бројка е 60. Наспроти нив 11% од испитаниците велат дека членството во ЕУ е лошо за земјата. Сепак, на прашањето дали ЕУ ќе и` донесе корист на Македонија, дури 72% одговараат позитивно.

Во однос на економската состојба, анкетата на ЕУ покажала дека 76 проценти од испитаниците сметаат дека е лоша. Она што најмногу ги загрижува не само Македонците, туку и граѓаните на ЕУ, се невработеноста и економската ситуација воопшто.

Во јавноста резултатите од ова истражување се кометираат како зголемување на евроскептицизмот. Кометирајќи ги резултатите, опозицијата ја обвини власта за антиевропска политика која довела до вакво расположение.

„Груевски секогаш кога не може да реши некој проблем, мора да бара виновник, и многу често ЕУ ја наоѓа за виновник. На тој начин евроскептичната влада на Груевски создава и евроскептична јавност во Македонија и ова е промена која Македонија долгорочно ќе ја плаќа“, вели Радмила Шеќеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

За либералдемократот Андреј Жерновски, резултатите од анкетата на Евробарометар не се изненадување. Тој потсетува дека Секретаријатот за европски прашања неодамна презентираше сопствено истражување кое покажа дека расте евроскептицизмот во Македонија. Во таа анкета 66,5 проценти од граѓаните сметаат дека е поважно да се зачува уставното име, а само 26,2 отсто мислат дека е приоритет членството во НАТО и во ЕУ. Од друга страна, само 3 отсто од анкетираните се чувствуваат како граѓани на Европа, а дури 65 отсто само како граѓани на Македонија.

„Јавноста е сведок дека подолг период владини и функционери на ВМРО-ДПМНЕ водат кампања и не` убедуваат дека не мора да станеме членки во ЕУ по секоја цена, дека имаме и други алтернативи, па и дури дека кај и да е ЕУ ќе се распадне“, вели Жерновски.

Вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски ги отфрла обвинувањата на опозицијата и тврди дека власта не само што не била евроскептична, туку ширела и ентузијазам.

„Во процесот на поддршка на јавноста за процесот на европска интеграција, не би требало да се игнорираат определени отворени прашања што нашата држава ги има со некои земји-членки на ЕУ, поради чии индивидуални ставови Република Македонија се` уште ги нема започнато преговорите“, изјави Наумовски.

Истражувањето е спроведено од 5-ти до 28-ми мај годинава во 27-те членки на ЕУ, во земјите-кандидати за членство - Хрватска, Македонија, Турција и Исланд, како и во турскиот дел на Кипар. Со анкетата во Македонија биле опфатени 1.048 испитаници.

XS
SM
MD
LG