Во северозападниот дел на САД, властите во Сиетл, сојузната држава Вашингтон, налагаат жителите на градот да ги одвојуваат отпадоците од храна од другото ѓубре. Отпадоците се рециклираат во ѓубриво за тревниците и градините, а наскоро, и во – електрична енергија.
Секој ден, на отпадот „Сидар гроув“ северно од Сиетл, камион по камион истураат купишта отпадоци од храна и од дворови. Сузан Томан, која е директор за деловен развој на отпадот, раскажува дека отпадоците од храната, лисјата и гранките се мешаат со микроби и потоа се истураат во долги, покриени редици, со цел материјалот да се разгради во хумус.
Томан со гордост граби со рацете од еколошкото злато...
„Еве, за ова се работи. Еве каква прекрасна работа добиваме од отпадот“, со насмевка вели Томан.
„Сидар гроув“ сега има нов рецепт – пред корите од банана и закоравениот леб да станат хумус, компанијата сака од нив да добие алтернативен вид на енергија.
Еве како: отпадоците од храна се одвојуваат од другите и се прскаат со бактерии за да почнат да се разградуваат. Потоа се ставаат во контејнер каде смесата започнува да испушта големи количества на метан. Наместо тој да се испушти во атмосферата без да се искористи, а каде и би можел штетно да придонесе за глобалното загревање, „Сидар гроув“ го складира, а потоа може да го користи за греење на просториите на отпадот.
Лоренс Клајн е директор за технологија и развој во „Сидар гроув“. Вели, гасот може да се претвори и во компресиран природен гас, како гориво за нивните камиони.
„Прекрасна работа. Практично, се возите на ѓубре“, коментира Клајн.
Природниот гас може и да произведе електрична енергија, од 8 до 10 милиони киловати годишно, што е доволно за 400-тина домови во Сиетл.
„Ѓубрето е клучот за самоодржливоста“, коментира Сали Браун, стручњак за почви на Универзитетот во Вашингтон. Тоа можеби е ново за САД, но во Европа веќе е добро воспоставено, додава таа.
Централи за третман на измет ширум САД веќе користат контејнери како во „Сидар гроув“ за производство на биогас. Браун смета дека отпадоците од храна се уште поефикасни бидејќи не биле изедени. Тоа значи – полни се со неискористени калории, а калориите значат – енергија.
“Сидар гроув“ доби грант од еден милион долари од владата на сојузната држава Вашингтон да продолжи со технологијата за претворање на храната во гориво.