Линкови за пристапност

Капиталот е жива материја


Според Иван Штериев, директорот на Македонската берза, влијанието во Македонија доаѓа и посредно, преку соседните земји.

Капиталот е жива материја, тој се прелева и сосема логично е глобалните берзански случувања и промени да влијаат и на работењето на македонскиот пазар на хартии од вредност. Но сепак, според директорот на Македонската берза кај нас влијанието доаѓа и посредно, преку соседните земји.

„Сите тие глобални случувања на некој начин се прелеваат во економиите и финансиските сектори на сите змеји во регионот. Кај нас прелевањата одат и преку другите соседни земји, бидејќи сепак треба да се има предвид дека главните странски портфолио инвеститори, историски и сега, пред се доаѓаат од регионот.Во некои моменти тоа е поголемо или помало. Но има“, вели Иван Штериев.

Но, освен ваквите економски потреси, според него, иако лимитирано, влијание имаат и политичките случувања.

Macedonia - Economy
Macedonia - Economy

„Берзата не е институционален остров, за поголемо раздвижување е потребен некој поидеален микс на повеќе фактори. Значи добра комбинација на економско, политичко и регулаторно опкружување“, нагласува тој.

Перспективите, Македонската берза, која годинава прослави 20 години постоење, според него се токму во регионализацијата.

„Подолг временски период акционерите на берзата, а и берзата има визија дека треба да бидеме дел од една поширока алијанса на берзи, дали тоа ќе биде поцврста или полабава форма останува да се види. Го имаме оној регионален проект со берзите од Софија и од Загреб. Тоа би требало во првиот квартал од наредната година да почне многу полесна размена на налози за тргување на овие три пазари. Тоа е еден од приоритетите“, објаснува Штериев.

Сепак, најдиректниот удар од глобалниот економски потрес што го предизвика Кина го чувствуваат рудниците и металуршките комбинати во земјава. Падот на цената на металите на светските берзи, најниска во последните шест години, за Македонската асоцијација за рударство, е знак дека претстои криза.

Според претседателот на Асоцијацијата Николајчо Николов, доколку се остварат прогнозите дека не се работи само за моментален шок, реално е да се очекува дека дел од рудниците во земјава ќе мора да го запрат производството на одредено време или да отпуштаат работници.

„Драстичниот пад на цената на бакарот, оловото и цинкот, најсериозно ќе го почуствуваат рудниците што се посиромашни со содржина на олово и цинк во рудата, како Тораница и Злетово, но и Саса, иако таму рудата е со нешто повисока содржина на метали“, вели тој.

Ниските цени на металите ги погодуваат и преработувачите во земјава. Во ФЕНИ, чиј главен производ е никелот, велта дека негативниот тренд кај нив започнал уште со стартот на годинава. Нивниот рецепт е секојдневно следење на ситуацијата и прилагодување.

„Што се однесува до целокупното влијание, ова секако не е шпекулација и нема да помине преку ноќ, меѓутоа навистина е неблагодарно да се даваат какви било прогнози, кога многу варијабили се постојано променливи“, вели генералниот директор Герасим Кујунџиев.

И Асоцијацијата и комбинатите се надеваат дека годинашната криза нема да биде повторување на онаа од 2009 година. Сепак, признаваат дека и покрај сите напори, јасно е дека таа нема да се надмине преку ноќ, и не пред првото тримесечје од идната година.

XS
SM
MD
LG