„Македонскиот парламент е еден од најдобрите во регионот кога станува збор за користење на информатичките технологии. Македонија е пример за останатите земји“, оцени денеска во Охрид Блаж Голаб, директор на ЦЕЕ центар за развој на е-Влада на отварањето на конференција за е-Демократија: „Информатичко-комуникационата технологија - двигател на демократијата и транспарентноста“.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Велјаноски изнесе податок дека денес Македонија е во првата половина на европските држави според бројот на корисници на Интернет. Според Велјаноски, овој тренд го прифатиле и државните институции како и Собранието на Република Македонија, со остварувањето на проектот Е-парламент.
„Воведувањето и функционирањето на Е-парламентот е неминовност која е во функција на зголемување на ефикасноста на парламентарната демократија, на поголемата транспарентност во работењето на парламентите, а со тоа и на вистинска и ефикасна интеракција меѓу парламентот како законодавен дом и граѓаните и невладиниот сектор. Во суштина, тоа е и основата на демократијата“, истакна Велјановски.
Информатичките и комуникационите технологии се двигател во развојот на едно демократско општество, забележа министерот за информатичко општество Иво Иваноски:
„Република Македонија, следејќи ги примерите од високо развиените европски земји, го започна патот и сигурно се движи кон зајакнување на врската помеѓу јавната администрација и општеството. Проектите кои ги имаме направено се во однос на зголемување на транспарентноста во подобрување на демократијата преку користењето на информатичките и комуникационите технологии. Целта, пред се`, е да се направи една потранспарентна Влада, поефикасна и поодговорна пред се` за граѓаните на Република Македонија“.
Директорот на компанијата „Некстсенс“, Васко Кроневски, организаторот на Конференцијата, смета дека со помош на информатичката технологија може да се направи прогрес во развојот на демократијата во регионот.
„Имаме многу успешни примери кои ќе бидат прикажани тука на конференцијата, кои што се развиени во Македонија, но и во регионот и во останатите земји. Ќе презентираме многу од решенијата кои што нашата компанија Некстсенс ги има развиено и ќе ги поделиме искуствата од успесите кои ги имаме направено заедно со нашите партнери корисници“, рече Кронески.
На дводневната конференција учествуваат повеќе од 35 делегации од 15 земји, со делегации од парламенти, влади и службени весници предводени од генерални секретари, претседатели на комисии одговорни за ИТ, пратеници и раководители на ИТ-секторот, како и претставници на светски познати компании, универзитети и невладини организации.