Њујорк е вистинска џунгла на асфалтот, но малкумина знаат дека Градот што никогаш не спие во себе крие преку 500 јавни градини чии растенијата се исто толку разновидни колку и њујоркчаните.
Ноам Кофман е волонтер одговорен за „Плеј гарден“ – градина на 113-та улица во Њујорк на површина од 3.000 метри квадратни.
„Њујорк е познат по многу бетон, цигли и челик. Има малку места како овој парк, мала оаза со многу дрвја, без оглед дали ги насадиле луѓе или се дар од природата. Како и да е, обезбедуваат бегство од градскиот метеж. Во локацијата уживаат и ја оддржуваат сите соседи на улицата“, вели Кофман.
Движењето Градини на соседството во Њујорк започна во 1970-те. Тоа беше проблематичен период во кој опаѓаше бројот на населението, а бројни напуштени локации се полнеа со отпад. Ерика Пакард од „Њујорк ленд траст“, организација која собира средства за купување на зелени површини и трансфер на сопствеништето во раце на заедниците на жителите, раскажува дека градските власти нашле решение со тоа што понудиле да ги дадат овие површини на организирани групи, под услов тие да ги уредат и оддржуваат.
„Тие и ден-денес се меѓу единствените отворени зелени површини за постарите и децата“, вели Пакард.
Трендот за зелени оази дожива подем со операцијата „Гринтамб“, програма во рамки на Одделот за паркови на Њујорк, што нуди бесплатни часови по градинарство. Но, не било секогаш така. Многу локални заедници во минатото мораа да се спротистават на градската власт за да ги задржат градините, бидејќи таа, одвереме-навреме, поради недостиг на пари, се обидувала преку аукција да ги продаде на градежни компании кои би и` плаќале данок. Токму на овој начин, некои од зелените површини се неповратно загубени.
И покрај се`, во Њујорк денес цветаат околу 500 градини и секоја функционира на свој начин. Она по што се карактеристични е разновидноста на растенијата, цвеќињата и дрвјата, отсликувајќи ја самата разновидност на жителите на градот.