Линкови за пристапност

ЕУ со контролни механзими против злоупотреба на визната либерализација


ЕУ со контролни механзими против злоупотреба на визната либерализација
ЕУ со контролни механзими против злоупотреба на визната либерализација

Во вторник ЕК ќе го објави редовниот годишен извештај за напредокот во европските интеграции на земјите од Западниот Балкан, на Турција и на Исланд.

Европската Унија понеделникот ги вклучи Албанија и Босна и Херцеговина на белата Шенген-листа, со што граѓаните на овие две балкански држави од 1-ви јануари 2011-та ќе можат без визи да патуваат во ЕУ. Одлуката на Советот на министрите уследи по онаа донесена минатата година, кога го либерализира визниот режим за Македонија, Србија и Црна Гора.

Паралелно со ова, Советот на министрите за правда и внатрешни работи на Европската унија донесе одлука да ги активира механизмите за заштита од можна злоупотреба на визната либерализација. Тоа подразбира зголема контрола на границите, проверка на биометриските пасоши и засилена соработка на разузнавачките служби. Правилата на Унијата предвидуваат и можна суспензија на визното олеснување, како крајна мерка.

Контролните механизми ќе важат како за Босна и Албанија, така и за Србија, Македонија и Црна Гора. Овие мерки беа донесени поради искуството од либерализацијата на визиот режим со Македонија, Србија и Црна Гора, кога во неколку наврати се случија бранови на емиграти кои бараа азил во земјите-членки на ЕУ.

Комесарката Сесилија Малстром најави дека ќе се следат сите земји во регионот.

„Безвизниот режим подразбира одговорност од двете страни и затоа го покренавме механизмот на набљудување, не само за Албанија и Босна и Херцеговина, туку и за целиот Западен Балкан. Сите земји што се вклучени во процесот на визната либерализација ќе бидат одблиску следени со цел да се осигуриме дека нема прекршувања“, изјави Малстром.

Белгискиот државен секретар за миграција и азил Мелкор Ватле, како претставник на белгиското претседателство со Унијата, беше уште подециден.

„Правилата кои се однесуваат на визната либерализација имаат можен механизам на суспензија на либерализацијата. Она што го правиме е да се повикаме на сите можни механизми што се на располагање на европските институции во случај на проблем“ рече Ватле.

Македонската влада, како што известија од Министерството за надворешни работи, добила задача за поголеми проверки на терен на агенциите кои превезуваат патници, со цел да се спречи масовното заминување на баратели на азил.

Близу 500 македонски граѓани побараа азил во Германија во текот на септември, додека во октомври за азил во Шведска се обратиле 206 македонски државјани.

Во вторник ЕК ќе го објави редовниот годишен извештај за напредокот во европските интеграции на земјите од Западниот Балкан, на Турција и на Исланд. Во извештајот за Македонија се очекува да биде потецирана потребата од поголеми инвестиции во регионите како Липковскиот, од каде дојде и најголемиот емигрантски бран на почетокот на годинава.

XS
SM
MD
LG