Извештајот на ЕК е објективна проценка на настаните во земјата, соопшти амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере, презентирајќи го во Скопје документот.
„Тоа што недостига се континуирани и доследни реформски напори потребни за да демонстираат фокус и целосна мобилизација на сите релеванти фактори на долг рок и врз основа на солиден консензус на сите политички партии. Тоа е она што е потребно“, изјави Фуере, коментирајќи ја дефиницијата во Извештајот дека реформите се одвивале со нееднакво темпо.
Амбасадорот на ЕУ, зборувајки за политичките критериуми што беа оценувани во извештајот, изрази загриженост за состојбата во медиумите и слободата на изразувањето.
„Сакаме да ја охрабриме Владата да вложи поголеми напори и да оддаде признание на професијата на новинарите и на слободата на медиумите“, рече Фуере.
Тој исто така упати критики на сметка на Владата за односот кон граѓанскиот сектор, осудувајќи ги последните настани кога од владини претставници беа критикувани невладини организации.
„Апелирам да се воздржат од напади врз граѓанското општество, зато што тоа има витално значење за развојот на државата“, изјави Фуере.
А во интервју за А1 ТВ, еврокомесарот за проширување Штефан Филе, коментирајќи го извештајот, ги повика власите во Скопје да посветат особено внимание на реформите во судскиот систем преку кои треба да се обезбеди и владеењето на правото.
Филе истакна дека Комисијата стои зад препораката за почеток на преговори за членство, но дека услов за тие преговори останува да биде решавање на проблемот со Грција.
Инаку, во извештајот не се споменува придавката македонски, што е пракса уште од 2006-та година. Сепак, оваа година за првпат властите во Македонија одлучија да побараат појаснување од ЕУ.
Претседателот Иванов го повика Фуере да даде објаснување за ова прашање.
„Ние се извинуваме за било какво недоразбирање. Апсолутно нема промена. Сакам да ве уверам во однос на нашата политика и доколку ме прашаат кој е официјалниот или државен јазик на земјата, јас ќе кажам македонски јазик“, изјави Ерван Фуере.