Линкови за пристапност

Домородното население се гледа себеси во филмот „Аватар“


Домородното население се гледа себеси во филмот „Аватар“
Домородното население се гледа себеси во филмот „Аватар“

Учесниците на настанот му се заблагодарија на режисерот Џејмс Камерун за уметничкиот начин на кој „Аватар“ ја пренел нивната порака во светот.

Холивудскиот блокбастер на режисерот Џејмс Камерун е спој на футуристичка научна фантастика, романтика, авантуристичка акција и одлични специјални ефекти, што се` заедно помогна да заработи преку две милијарди долари. Згора на сето тоа пораката во филмот длабоко допрела кај дел од домородното население ширум светот.

Од 19-ти до 30-ти април во Њујорк се одржува 9-та по ред сесија на Постојаниот форум за домородни прашања при ОН, во чии рамки беше прикажан филмот. Учесниците на настанот му се заблагодарија на режисерот Џејмс Камерун за уметничкиот начин на кој „Аватар“ ја пренел нивната порака во светот. По прикажувањето, Камерун ја објасни врската меѓу ваквата публика и филмот:

„Се подигна свеста за овие прашања. Секако, филмот е фантазија, нема некоја едукативна одлика. Создава одреден вид на емотивна рамка или контекст за дијалог што произлегува од филмот“.

Приказната се фокусира на маринец кој се согласува да ја добие довербата од народот Нави кој живее на далечна планета, додека собира разузнавачки информации за овие луѓе во полза на инвазија што ја планира армија од Земјата. Армијата се обидува да го принуди народот Нави да ги предаде драгоцените ресурси што се кријат под „Родното дрво“ – големиот верски центар на нивната планета Пандора.

За инвазијата на Пандора и параболата со неговиот живот говори домородецот Вили Литлчајлд од северна Канада:

„Северно од нас се, како што ги нарекуваат, `тешки темни песоци`, каде огромни машини доаѓаат во областа, исто како и во филмот. За мене ова имаше огромно влијание, особено заради сериозната злоупотреба на територијата на Мајката Земја“, вели Литлчајлд.

Маринецот во „Аватар“ се вљубува во принцеза од народот Нави, а неговото срце го освоила и нивната филозофија за хармонија со природата. Тој преминува на страната на Нави и народот излегува како победник.

Вики Поли-Корпуз, активистка за правата на народот Канканеј Игорот на Филипините, кој со децении се бори да го заштити древното земјиште од интересите на дрвната и рударската индустрија, има мешани чувства за филмот:

„Сметам дека филмот е мошне добар. Навистина ја претставува реалноста со која се соочува поголемиот дел од домородното население и секако реалноста за тоа како ова население се поврзува со природата. Она што не ми се допадна е што во приказната спасител е белец“.

Кармен Рамирез Боскан од народот Вају од Колумбија оди подалеку од филмот – во реалноста. Вели земјиштето на нејзиниот народ и натаму го уништуваат рудниците за јаглен во соработка со владата:

„Велат дека прават добро, дека ги развиваат нашите територии, а всушност ние постојано вдишуваме јагленов прав. Ова нема да се промени. Не им е грижа за нас, тие се грижат само за парите“.

Иако режисерот Камерун инсистира на тоа дека „Аватар“ не е базиран на политичка основа, сепак додава:

„Мислам дека генерално, владите се во потајна согласност со големите индустрии и големите финансиски интереси, при што недоволниот интерес во јавноста за проблемот оди во нивна корист. Колку повеќе вртиме внимание на проблемот во медиумите, толку повеќе ги будиме луѓето со совест и чест да размислат за сето ова, да разговараат и да сторат. Филмот требаше да биде повик за будење, поради ургентноста на ситуацијата со која се соочуваме“.

XS
SM
MD
LG