Линкови за пристапност

Подостоинствени услови за осудените лица


По изјавата на премиерот Зоран Заев во септември минатата година, дека се срами „што е премиер на држава во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство!“, работите почнаа да се менуваат на подобро.

„Инвестициите во просторот се следени и со инвестиции во човечкиот капитал, односно, со градење човечки капацитети, преку обуки на вработените, напори за подобрување на здравствената заштита, потоа, градење на мобилни судници, но и реформи што значат развивање алтернативи за кратките затворски казни, ревизија на Кривичниот закон и праксата на определување на притвор и изрекување казни“, изјави министерката за правда Рената Дескоска, на денешната промоција на два новоизградени објекта во КПУ „Идризово“, изградени по најсовремените европски стандарди и правила.

Според министерката, еден од приоритетите на Владата е искоренување на сите форми на кршење на човековите права, превенирање на можностите за тортура и за нечовечко и понижувачко постапување и казнување. Токму како дел од заложбите на Владата, пред сé, на Министерството за правда, за подобрување на условите за извршување на санкциите во Македонија, особено по Извештајот на Комитетот против тортура на Советот на Европа за очајната состојба во македонските затвори, денеска во најголемиот затвор во државата, казнено-поправната установа „Идризово“ крај Скопје, во која казната ја издржуваат над три петтини од осудените лица во земјата, беа отворени двата нови објекта. Се работи за сместувачки капацитети за 546 осудени лица: Отвореното одделение од 3.800 метри квадратни, за сместување на 294 затвореници, како и Полуотвореното одделение за 252 затвореници, од 4.000 метри квадратни, кои ќе значат подобрување на условите за живот, но и за работа на вработените во затворот.

...еден од приоритетите на Владата е искоренување на сите форми на кршење на човековите права...
рече Министерката за правда Рената Дескоска

И министерката Дескоска ја истакна „пренаселеноста“ на „Идризово“, институција во која, на моменти, биле сместувани и над двојно поголем број на осудени лица од реалните капацитети (1.840 затвореници, наспроти капацитетот од 900!), а чии последици биле несоодветни и нехумани услови за осудените лица, како и отежнато одржување на редот и безбедноста во затворот.

„Новата Влада на Република Македонија со посетата на премиерот Зоран Заев на овој затвор, ги отвори вратите на ’Идризово’ за јавноста, која, преку новинарите, можеше од блиску да ги видат условите во оваа институција. Денеска, повторно ги отвараме вратите на новоизградениот дел на ’Идризово’ во кој можете да видите поинаква слика, слика која ветува значително подобрени услови за сместување на лицата кои издржуваат казна затвор“, порача министерката, која денеска ги отвори новите објекти со директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.

Проектот за изградба и реконструкција на казнено-поправните и воспитно поправните установи во Македонија (затворот „Куманово“, воспитно-поправниот дом за малолетници „Тетово“, КПУ „Идризово“ и затворот „Скопје“ во Шуто Оризари), го спроведува Управата за извршување на санкции со заем од 46 милиони евра. Покрај изградбата на новите одделенија, со ќелиите за четири осудени лица со бања, во „Идризово“ на пример, се предвидени и заеднички простории, работилници, фитнес-сали, игралишта..., а изградена е и пречистителна станица за отпадни води, и реконструирана е административната зграда. Зашто, Република Македонија веќе подолг период, особено во последните 10 години, е мета на критиките на меѓународните и домашните монитори за недостоинствените услови во затворите и за нехуманиот третман на лицата кои издржуваат затворски казни.

Комитетот за превенција од тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, како тело на Советот на Европа, Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет, минатата година ја споделија оценката за неминовноста од итна промена на условите во казнено-поправните институции во Македонија, од кои дел беа оценети и како нечовечки и деградирачки. Откако Република Македонија се соочи со изрекување „јавна изјава“ на Советот на Европа, осуда што досега им била испорачана на само седум европски земји, премиерот Заев вети дека ќе дојде до промени на состојбите и до спроведување на дело на препораките на Комитетот.

По посетата на „Идризово“ на експертскиот тим на Комитетот за превенција од тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, во декември 2016, следеше Извештајот, во кој беа посочени „нехумани услови во кои владеат корупцијата, која се манифестира во секој сегмент на животот на затворениците, малтретирањето и насилството, нехигиената и несоодветната здравствена заштита“, како и „недостаток на политика за управување со сложени институции, несоодветни постапки за пријавување и систем за следење и недостаток на управување со персоналот, и неможност на затворскиот персонал да ги извршува своите должности...“

Комитетот ја потенцираше и неопходноста од темелна истрага според меѓународни стандарди, на сите смртни случаи на осудени лица во затворите. Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) од Будимпешта, кој го истражуваше диспропорционалниот број на осудени лица – Роми, кои умираат во Македонија, а кој и ќе ги застапува семејствата на Андреас Реџепов (21), Ердал Јусинов (25), Суткие Мустафова (46) и Беким Демир (39), кои починаа минатата година во македонските затвори, на 29-ти март 2018, поднесе колективна тужба „за директна и индиректна дискриминација, бидејќи лошиот квалитет на здравствената нега во македонските затвори, диспропорционално влијае врз ромските затвореници“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG