Линкови за пристапност

Страв од непознатото и предрасуди против децата со попреченост


Жители на неготински Тимјаник, тврдејќи дека се загрижени за безбедноста на своите деца, не дозволуваат сместување на четири деца со интелектуална попреченост во новиот мал групен дом

„Нема да дозволиме Тимјаник да стане Демир Капија. Нашите деца од нормални, ќе станат нездрави! Да си го повлечете проектот!“, извикуваа денес, за време на директниот пренос од настанот, жителите на селото Тимјаник, кои ја обвинија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, дека им го одзема мирот на нивните деца. Тврдејќи дека се исплашени за своите деца и дека им е неопходна градинка за предучилишните деца во селото, жителите на неготински Тимјаник денеска беа децидни дека не сакаат да примат и прифатат деца со посебни потреби во соседството.

Токму затоа, според извештаите на медиумите, и во петокот и во саботата, стотина граѓани го блокирале патниот правец Tимјаник – Дисан, организирани главно преку социјалните мрежи. „Во Неготино и Тимјаник ќе бидат сместени лица кои се целосно физички неподвижни и кои не можат да ги извршуваат своите потреби воопшто. Секоја почит и поддршка за нив... Децата се со тежок хендикеп. Каде ќе ги сместите, во затвор? Или по цена на вашите проекти госпоѓо министерке ќе си поигрувате со животите на овие деца...“, се вели, меѓу другото, во еден од коментарите-обвинувања на социјалните мрежи викендов.

Така, и најавениот како свечен, денешниот настан се претвори во скандал, во кој жителите на селото Тимјаник крај Неготино, главно земјоделци, со исвиркувања и свирежи, се спротивставија на сместувањето на деца со интелектуална попреченост во новиот, мал групен дом во нивното село. Иако во руралните средини во Македонија ретки се примерите на иницијативи и програми за инклузивност, реакциите од Тимјаник, предизвикаа контра-реакции во пошироката јавност. Интернет медиумите денеска вршеа стриминг од обидите на министерката и претставниците на странските организации да разговараат со селаните, но социјалните мрежи уште викендов се вжештуваа од момент во момент. Главно, со жестока осуда на протестите и на жителите на Тимјаник, чија реакција неретко беше споредувана и со фашизам, и оценувана како крајно нехумана, бесчувствителна и неприкладна за 21-от век и за држава каква што е Македонија.

Всушност, денеска три деца со посебни потреби од Специјалниот завод Демир Капија требаше да бидат сместени во мал групен дом во Неготино во старата зграда на социјалната служба, за потоа, до крајот на јуни, четири деца од Заводот, да бидат сместени и во мал групен дом во селото Тимјаник. Трите деца од Специјалниот завод во Демир Капија, на возраст од 8, 10 и 16 години, тешко подвижни или неподвижни поради пречки во психомоторниот развој, требаше да бидат сместени во неготинскиот оддел за специјализирано живеење, за да живеат во похумани услови со 24-часовна нега од тим на социјални работници, едукатори и физиотерапевт, според Проектот за деинституционализација на 216-те штитеници од Специјалниот дом во Демир Капија, поддржан од УНИЦЕФ, УНДП и Европската Унија, кој превидува во рок од две-три години, нивно преместување во мали домови во сите општини ширум Македонија, за нивна полесна ресоцијализација и вклученост во општеството. Така, Домот во Демир Капија по реконструкцијата би бил медицинска установа за најтешките случаи.

Затоа, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со претставниците на УНИЦЕФ и УНДП, Бенџамин Перкс и Луиза Винтон и претставници на Делегацијата на ЕУ, денеска, во придружба на новинарите, требаше за еден час да го посетат малиот групен центар во Неготино и новиот дом во селото Тимјаник, во кој според планот на МТСП ќе бидат сместени четири деца со интелектуална попреченост, како дел од планот за интензивирање на процесот на деинституционализација, што вклучува развој на социјални услуги во заедницата и обезбедување на грижата за децата и лицата со попреченост во местата на живеење, „а не во големи, безлични и сегрегирачки институции“, како центарот во Демир Капија, во кој сега не постојат достоинствени улови за престој и работа со децата.

Но, неуспешни беа обидите на министерката да вети дека таа лично ќе се ангажира во селото да се изгради градинка, како и да објасни дека децата со попреченост кои не претставуваат опасност за децата од Тимјаник, заслужуваат љубов и подобри услови, зашто насобраните жители бараа задолжителна посета на премиерот Зоран Заев и укинување на одлуката за сместување на децата во нивното село.

Пред доаѓањето во Тимјаник, министерката Царовска соопшти дека е искрено разочарана од реакциите и блокадите:

„Жално е што се уште постојат толку предрасуди, но токму против ваквите размислувања силно се бориме. Сакам да им порачам на сите кои се плашат или се загрижени, дека нема никаква потреба за тоа. Децата во домот не се никаква опасност за нив или нивните деца, ќе бидат под 24- часовна грижа и нема да им го нарушуваат животот. Се надевам дека ќе превлада разумот и дека на крајот ќе имаме успешен процес на преселба на децата од институциите во малите домови“, порача Царовска.

И малата партија ДОМ во своето соопштение праша: „Кој ги мами луѓето во Тимјаник? Зашто, најверојатно се работи за голема измама на граѓаните од убавото неготинско село, дека може да имаат некаква, било каква штета кога нивни сограѓани ќе станат неколку лица со попреченост. Тврдиме дека е ова измама и грда лага, која се стреми луѓето од Тимјаник да ги направи нелуѓе. Лага, која тргнува од негирање на човековото право на лицето со попреченост да живее достоинствен живот на човек. Апелираме, ги замолуваме граѓаните на Тимјаник, сите луѓе во Тимјаник да не бегаат од човечноста во себе, а со тоа и од човечноста кон лицата со попреченост кои сакаат да бидат нивни сограѓани“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG