Линкови за пристапност

Се` повеќе деца-питачи во Македонија


Институциите и невладините организации со различни информации за нивниот број

Се` повеќе деца-питачи се присутни низ улиците во Македонија. Најмногу ги има во главниот град Скопје, a на лето, во туристичките центри Охрид и Струга. Од првата Детска амбасада во светот „Меѓаши“, велат дека родителите ги користат овие деца за да обезбедат егзистенција за семејствата.

„Неформално, имаме околу две илјади деца, коишто се секојдневно по улиците низ градовите во Македонија. Питачат, за да заработат. Некогаш нивната цена се движи од 500 до 1.000 денари и се присилени од страна на организирани групи кои ги криумчарат или пак самите родители се принудени да ги злоупотребат и искористат за да обезбедат егзистенција“, вели Драги Змијанац, директор „Меѓаши“.

Наспроти податоците на Детската амбасада, од Министерството за труд и социјална политика, велат дека во Македонија биле регистрирани 172 деца на улица, додека бројот на новоевидентирани случаи во 2017-та година е 50.

Многу од овие деца се надвор и од образовниот систем. Од „Меѓаши“ велат дека е неопходно државата да обезеди бенефиции и од најрана возраст да почнат да посетуваат градинки и училишта.

Од Министерството додаваат дека преземаат голем број мерки со цел, идентификување и санирање на појавата „деца на улица“. Центрите за социјална работа вршат сместување на децата во згрижувачки семејства или пак во установи за социјална заштита. Се покренува и постапка за одземање на родителското право, доколку се утврди дека родителот повторно го користи детето за питачење.

Во Охрид во текот на туристичката сезона доаѓаат цели семејства од други градови за да питачат.

„Порано доаѓаа неорганизирани, стихијно, но нашите волонтери на терен забележаа дека децата се организирани од едно лице. Се работи веќе за организирана појава. Претежно родителите се занимаваат со откупување на железо, собирање на пластични шишиња, додека мајките со децата излегуваат на улица и питачат“, вели Гордана Атанасова од Центарот за социјални работи во Охрид.

Од 2011-та година во Охрид работи и транзитниот центар за деца на улица. Дел од оние кои ќе се затекнат без присуство на родители се сместуваат на оваа локација, се` до нивниот транспорт во местото од каде потекнуваат.

„Ситуацијата е толку тешка, што не верувам дека во некое скоро време ќе се најде решение, затоа што е потребна голема ресоцијализација на припадниците на таа категорија граѓани. Државата треба да ги потикне тие механизми“, вели Весна Цветановска, локална координаторка на Конвенцијата за правата на децата.

На територијата на Град Скопје отворени се два дневни центра за деца од улица, а нивна главна цел е нивно вклучување во општеството, но и работа со нивните родители и другите членови од семејството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG