Линкови за пристапност

Гасификацијата на Македонија пред предизвици


Гасификацијата на Македонија пред предизвици
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00

Македонија, покрај изградба на сопствена дистрибутивна мрежа за природен гас, треба да се приклучи и на некои од меѓународните проекти за гасификација сметаат експертите.

Поранешниот прв човек на нафтената компанија Окта и потпретседател на Здружението на енергетичари на Македонија - ЗЕМАК, Зоран Божинкочев вели дека 75 проценти од територијата на Македонија не е покриена со гасовод:

„Со таква инвестиција многу се штеди. Ние сега даваме огромни пари за набавка на електрична енергија од странство. Кога целосно ќе почне да функционира, ќе се заштедат огромни пари“, вели Божинкочев.

Тој додава вели дека поставувањето на гасоводна инсталација ќе донесе голема корист и за домаќинствата. Според него, алтернатива за државата е проектот Турски тек.

„Работите сега се ублажија, и јас сметам дека тој правец ќе го користиме и ние. Секоја резервна алтернативна линија ни е потребна во Македонија. Не само преку Бугарија“, кажа Божинкочев.

Универзитетскиот професор Константин Димитров и член на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија вели дека станува збор за сериозен зафат:

„Тоа е интензивно инвестирање при што повратот на средствата е за многу години. Нашите први пресметки, кои ги правевме пред 7-8 години, дури и во Скопје каде имаме најголема концентрација на потрошувачи, без пет години вложување не може да помине кај инвеститор. Македонија треба да влезе во организација која има искуство и која знае да го работи тоа“, вели Димитров.

Во Охрид на неодамнешна меѓународна конференција за енергетика една од темите на кои се дебатираше беше гасификацијата и енергетските предизвици со кои ќе се соочуваат Македонија и регионот.

Директорот на Електрани на Македонија, Христијан Мицковски, вели дека е во тек завршувањето на првата фаза, односно отпочнувањето на изградба на примарната гасоводна мрежа која ќе овозможи изградба на дистрибутивната мрежа.

Но што е подобро за Македонија, Турскиот тек или гасоводот кој ќе треба да минува низ Азербејџан?

„Секоја варијанта која нас ќе обезбеди подобри услови за граѓаните, кои се нашиот интерес, за нас е добредојдена. Ќе ја анализираме, ќе се консултираме со експертската јавност и со граѓаните и ќе ја донесеме одлуката“, рече Мицковски.

Инаку Владата неодамна најави дека планира по пат на јавно приватно партнерство да ја гради дистрибутивно-гасоводната мрежа во државата.

XS
SM
MD
LG