Линкови за пристапност

Македонија: Дали универзитетите ја губат автономијата?


Жестоки реакции по повод најавеното екстерно тестирање и на студентите

„Уставот ја гарантира автономијата на универзитетите, кои се самостојни и издаваат дипломи врз основа на вршење на јавни овластувања. Никој друг не може да ги преиспитува универзитетските дипломи!“, дециден е професорот д-р Борче Давитковски, декан на Правниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според него, измените кои ги најави министерот за образование Абдилаќим Адеми и дополнително ги образложи заменик-министерот Спиро Ристовски, а со кои ќе се воведува задолжителен државен испит за студентите на втора и четврта година, се противуставни и спротивни на законски прописи.

Давитковски наведува и дека во Македонија постои Одбор за акредитација и евалуација кој го контролира и наставниот процес и квалитетот на изададените дипломи, како и дека потенцијалните нововработени во државната администрација, на пример, имаат и други проверки на знаење, а дека кај сопствениците на приватните фирми, не е ретко да се дава предимство пред дипломите - на покажаното знаење.

Денешните остри реакции ги предизвика минатоделната најава на министерот Адеми, кадар на ДУИ, според која со планираните измени на Законот за високото образование, студентите ќе мора да полагаат државен испит по втората и четвртата година на студиите.

Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми, со кои диплома ќе добиваат само оние кои заслужиле и високото образование да не се сфаќа како бизнис, туку како наука. Сакаме испитот да биде двапати, за студентот ако не положи по втора година, да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари“, изјави Адеми.

Неговиот заменик од ВМРО-ДПМНЕ, Ристовски, изјави дека концептот е во фаза на истражување, дека Министерството извршило истражувања и анализи во повеќе земји каде што постоел таков државен испит, но не наведе за кои држави се работи. Потенцираше дека крајната цел е верификација на квалитетот и дека пред конечната верзија ќе се организираат јавни расправи.

На ваквите најави први реагираа студентите. Викендов порталот факултети.мк спроведе анкета меѓу студентите, според чии резултати 93 проценти од анкетираните се против а само 7 проценти се изјасниле позитивно.

Реагираа и политичките парти.

Опозициониот СДСМ „категорично се спротивставува на безобразниот потег на Министерството за образование да воведе екстерно тестирање и за студентите. Бараме итно повлекување на оваа најнова дрскост на власта! Никола Груевски и соработниците немаат право да запечатуваат ничија судбина, според нивното партиско мерило на вредности. Во оваа држава постои Устав што ги гарантира основните човекови права, а едно од нив е правото на образование.“

„Како да беше малку екстерното тестирање во основното и средното образование, од кое ги видовме ефектите - само намалени плати на речиси 2.000 наставници. Неуспешниот експеримент продолжува врз студентите“, изјави Петар Атанасов, од Комисијата за образование на СДСМ.

Според Либераланата партија, „со овој проект, Владата се обидува да ги ублажи последиците од екстремниот број факултетски дипломи со сомнителен квалитет поради непромислената експанзија на високото школство, да ги натера на послушност професорите и асистентите во високообразовните институции и да ги врами во рангот на државни службеници...“.

Во одговорот на обвинувањата, владеачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „во последните 10-15 години, во Македонија се отворија голем број универзитети и факултети кои ги исполнуваат сите технички стандарди, но во трката за профит, тие на најголем број студенти им нудат дипломи и највисоки оцени без истите да бидат заработени со потребното знаење“

„Со ваквите дипломи почна да се девалвира и дипломата на оние студенти кои со учење, труд и знаење се здобиле со универзитетска диплома“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Коалициониот партнер ДУИ од чии редови е ресорниот министер, не одговори на реакциите и обвинувањата.

А меѓу првите реакции од научната заедница беше ставот на професорката д-р Биљана Ванковска, според која „најапсурдниот аспект на оваа мерка е што ја предлага Влада која, всушност, доведе до такво омасовување на студиите и до таков степен на дисперзија на универзитети и факултети (кои веќе ги има во секое село), каков што ретко се среќава во која било држава... Попусто беа укажувањата дека за мала земја како Македонија, високообразовната инфлација создава неквалитет за сметка на квантитетот, а образованието наместо кон извонредност се движи кон (пот)просечност“.

XS
SM
MD
LG