Линкови за пристапност

Семинар за „Сузбивање на насилниот екстремизам и радикализам што води кон тероризам“


На средбата учествуваа 50-тина домашни и меѓународни стручњаци.

Во Македонија досега никој не е обвинет за регрутација во некоја од терористичките организации. Сепак, според македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тероризмот и радикалниот екстремизам се проблем и за Македонија исто толку колку што се проблем за САД и за секоја друга демократска држава во светот, бидејќи не се прави разлика дали е тоа мала или голема држава. Јанкулоска говореше во рамки на дводневниот семинар „Сузбивање на насилниот екстремизам и радикализам што води кон тероризам“ во Скопје. На средбата за политичките и социо-економските фактори што може да придонесат за терористичко радикализирање и регрутирање разговараа 50-тина домашни и меѓународни стручњаци.

„Проблемот со радикалниот тероризам е глобален проблем. Го има секаде во светот. Ако отворите весници ќе видите такви примери. Единствениот начин да се спротивставиме е ако тесно соработуваме и на внатрешен, и на меѓународен план. САД даваат посебно значење на една работа, а тоа е дека треба да работиме заеднички во целиот свет. Преку вакви настани на коишто сите учествуваме, каде можеме да разговараме за овие прашања, можеме да учиме едни од други, подобро да се координираме. Мислам дека тоа е важно за да се порази тероризмот“, рече амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.

Тој оцени дека на овој план има историја на многу добра соработка со Македонија и со земјите од регионот, и со многу земји од светот.

Јавна тајна е дека и луѓе од Македонија се на боиштата на Блискиот исток, но за нив се дознава дури откако ќе загинат. Но, Кривичниот законик содржи и дел за такви ситуации.

„Досега немаме поднесено такви кривични пријави, но со последните измени на Кривичниот законик интервениравме во овој дел за да ја создадеме правната рамка во функција на испраќање порака дека нема да дозволиме во РМ ваквите радикални структури да најдат плодна почва за промоција на нивните идеи, кои одат на штета на демократијата и слободата на сите граѓани“, истакна министерката Јанкулоска.

Ралф Брет, амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, смета дека за справување со овој проблем, освен соработката на полициите, треба да се работи и со младите што радикалите најчесто ги врбуваат.

“За жал, радикализмот и екстремизмот се распространети нашироко како феномен, како политичкиот, така и верскиот радикализам. Често се случува групи и радикали заедно да работат и да одат во кампови за обука во други земји за да научат повеќе. Тоа најчесто завршува во тероризам. Тој тероризам, исто така, често се враќа во државата од кадешто доаѓаат овие луѓе. Затоа, нашата идеја е да се разменат информации за корените на проблемот, како и да се направи стратегија за да го нападнеме овој проблем заедно.

Дводневниот семинар го организира Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а го поддржува Владата на САД.

XS
SM
MD
LG