Линкови за пристапност

Започнува политичкиот дијалог во Македонија


ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ в петок почнуваат дијалог за решавање на кризата во државата која започна со непризнавањето на изборите од страна на опозицијата.

Двете најголеми политички партии во Македонија, ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ в петок почнуваат дијалог за решавање на кризата, откако опозцијата не го призна изборниот процес, нарекувајќи го фалсификуван и не ги прифати пратеничките мандати. Политичкиот дијалог ќе го отворат лидерите Никола Груевски и Зоран Заев. Заев веднаш го прифати предлогот што денеска го упати до него лидерот на ВМРО- ДПМНЕ.

„Го поздравуваме фактот што СДСМ конечно препозна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е спремна за дијалог во интерес на граѓаните и државата“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во кое е упатена поканата до лидерот на опозицијата за средба в петок во 13 часот.

„Денешните потези на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека оваа партија единствено знае да реагира под притисок. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ја прифаќа поканата за средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Терминот за средба дополнително ќе биде утврден“, одговорија веднаш од СДСМ.

Извесно време, неофицијално во обете партии се најавуваше ваков расплет на ситуацијата, но дека дијалог навистина ќе има најави и одлуката на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски без претходна најава, да ја одложи за денеска закажаната седница, на која требаше да бидат констатирани оставките на пратениците од опозицијата.

„Македонија е држава со цврста определба за натамошен демократски развој. Уверен сум дека оваа национална цел е определба на сите пратеници, без оглед дали се присутни на седеницата или се надвор од парламентот. Во таа смисла, длабоко свесен за интересите на државата, како претседател на Законодавниот дом, одлучив да оставам простор за натамошен развој на политичкиот дијалог и разбирањето меѓу партиите. Македонија мора да продолжи со силно темпо да ги реализира целите за натамошен рзвој на односите со ЕУ и НАТО, без оглед на политичките разлики, а тоа мора да сториме заедно и сплотени“, рече Вељаноски, отворајќи ја четвртата седница на Парламентот.

Паралелно со овие случувања, седница одржа и Комисијата за мандати и именувања, од каде неофицијално потврдија дека двете пратенички на опозицијата Солза Грчева и Љубица Буралиева поднеле барања до архивата на Собранието за повлекување на оставките, за да и се придружат на единствената опозициска пратеничка Роза Топузова Каревска која одби да ја почитува одлуката за бојкот на работата на Собранието. На оваа седница, пратеничките од ВМРО- ДПМНЕ и од ДУИ Силвана Бонева и Ермира Мехмети ги повикаа своите колеги од опозицијата да се вратат во пратеничките клупи, бидејќи со тоа нанесувале штета на Македонија.

„Еден од главните политички критериуми кој се оценува, за извештајот да биде позитивен е политичкиот дијалог. Јас не знам како ние ќе се бориме со претставници од другите земји, посебно со грчката парламентарна делегација и со нивните приврзаници, ако со нас заедно не се колегите од опозицијата, рече Бонева.

За Мехмети пак, потегот на опозицијата да не влезе во Собранието е опасен.

„За одлуката на опзицијата не знам дали е стратегија, нејасна е во своите цели со кој се загрозува и угледот на државата во овие делегации. Другата недела ќе се одржи летната сесија на која ќе се разгледа извештајот за изборите во Македонија, односно ситуацијата во Македонија, и нема да биде добар момент вреднувањето што ќе го направат тие, дека нема политички дијалог во Македонија“, оцени Мехмети.

Медиумите во Македонија денеска ја пренесуваат и информацијата што ја објави Дојче Веле дека неофицијално, во дијалогот власт - опозиција е ангажиран белгискиот експерт Петер Ванхоуте, кој и претходно учествуваше како медијатор во ад - хок комисијата за расветлување на настаните во Собранието од 24 декември.
XS
SM
MD
LG